среда, 15. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

Прилепскиот театар премиерно ќе ја изведе „Мистерија Буфо“, последната претстава од годинашната програма

Прилепскиот театар премиерно ќе ја изведе „Мистерија Буфо“, последната претстава од годинашната програма

Прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ утревечер од 19,30 часот на матичната сцена на Театарот ќе ја иведе последната премиера од годинашнава програма, „Мистерија Буфо“ според Дарио Фо во режија на Андреј Цветановски кому ова му е прва професионална соработка со прилепскиот ансамбл.

Претставата е според приказни на Фо од средновековието и во фокусот на поголемиот дел од сцените е обичниот човек кој се буни и ја критикува состојбата во која се наоѓа, слично и во средновековието и денес.

Според режисерот Андреј Ц ветановски театарската игра е радосна и хомогена.

-Овој театар за мене има фамилијарна вредност. Татко ми повеќепати работеше со прилепскиот ансамбал. Тој дух на неговата работа беше присутен во процесот на работа на претставата. Посебно е задоволството на работата со ансамблот кој игра до крај и докрај  ѝ се радува на театарската игра. А тоа е многу битно, според мене, за создавање добра претстава.  Претставата е вруток и мешавина на многу емоции и низ неколку приказни кои ги напишал Дарио Фо според мистериите како жанр на средновековниот театар, направивме радосна претстава. На таа радост во играта се темели претставата. Се надевам дека ова е почеток на едно прекрасно пријателство, вели реќисерот Андреј Цветановски.

Актерката Наташа Ачански вели дека се чувствувал и духот на режисерот Владо Цветановски.

– Моето чувство е што нѐ врати малку назад, кога работевме со Владо Цветановски и многу ми е драго зашто режисерот Андреј носи дел од енергијата на владо. Таква радост во театарската игра одамна не сум почувствувала. Постојано бевме во процесот, од утро до вечер со енергија и симбиоза.

Актерот Илија Вочески го нагласува искуството на ансамблот во колетивната игра.

-Прилепскиот театар е познат по колективните претстави. Поврзани сме сите како ансамбл и полесно беше да се „прочитаме“ на сцената. Сепак овој процес беше различен зашто сите мораа исто „да дишат“ без разлика дали се во прв или втор план. Тоа бара максимална концентрација. Првпат имам улога на шут (дворски) и беше огромен предизвик. Во претставата е изразен став како обичниот човек е претставен во театарските трупи од средниот век, смета Волчески.

Томе Темелкоски, автор на музиката ја нагласува улогата на актерите во создавањето на музичката подлошка во претставата, а актерот Димитар Ѓорѓиевски го споделува чувството на заедничкото создавање.

– Музиката се раѓаше со секоја сцена. Како се обликуваше сцената, така беше и музиката и сето стана хомогено. Голема е поддршката од актерите, вели Темелкоски.

-И улогите и музиката сите заедно ги градевме. Си помагавме. Сето тоа создае една хомогена театрска група и се надевам со многу успешен театарски производ, изјави Ѓорѓиевски.

Во претставата „Мистерија Буфо“ сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимите се на Марта Дојчиновска, а драматург и задолжена за преводот е Лидија Митоска Ѓорѓиевска. (МИА)