„Во чест на поетот“, манифестација со која Центарот за култура во Штип одбележа 99 години од раѓањето на Ацо Шопов. Признанието за афирмација на делото и ликот на поетот Ацо Шопов, годинава му припадна на Паскал Гилевски.
Настанот започна со читање поезија од Шопов, по што за Гилевски беше прочитана и кратка биографија. Настанот беше искористен и за промоција на десетте тома собрани дела на Раде Силјан, за кого говореше академик Витомир Митевски.
-Станува збор за избор од неговото творештво, еден пресек, главно од поезијата, но има и неколку тома на критиката и библиографски делови. Ако го познаваме Раде како творец ќе забележиме дека ова само еден мал дел од неговото творештво, бидејќи тој е познат и како есеист, и како издавач на антологии. Во овој случај накусо би рекол дека тој излегува од рамките на она што би го нарекле писател. На културната јавност ѝ е познато дека тој е и издавач, сопственик на еминентната издавачка куќа во Македонија, „Матица македонска“. Тој е во голема мера организатор на културниот живот во Скопје, вели академик Митевски.
За Митевски собирањето дела е едно сумирање на искуството и резултатите на книжевен план, а во тој поглед, вели, Раде Силјан има многу што да ни каже.
Манифестацијата „Во чест на поетот“ се одржува веќе 38 години по ред, од 1985 година, само три години по смртта на Шопов. Признанието, пак, се доделува неколку години по ред. Програмата за одбелемувањето на 99 години од раѓањето на Ацо Шопов продолжува и наредните денови. (МИА)