среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

Промоција на Речник на паронимите во македонскиот јазик

Промоција на Речник на паронимите во македонскиот јазик

Првиот Речник на паронимите во македонскиот јазик, подготвен од Емил Ниами, а во издание на Книгоиздателството Ми-Ан, вечер ќе биде промовиран на зелениот покрив на Домот на културата „Кочо Рацин“.

Промотор на делото е Анета Дучевска. Речникот на паронимите во македонскиот јазик е прв од ваков вид во македонската лексикографија. Паронимите се слични зборови во пишувањето и во изговорот, но со различно значење. Токму затоа, во македонската јазична практика многу често се јавуваат грешки во нивната употреба.

Во Речникот се обработени пароними кои се зборови со општа употреба, како и термини од повеќе научни области: алгебра, анатомија, архитектура, банкарство, биологија, географија, граматика, економија, лингвистика, логика, медицина, музика, политика и др. Паронимите се подредени по азбучен ред, со објаснување на значењето на секој збор и со примери за нивна употреба во одделни фрази или реченици.

Емил Ниами е роден во 1977 година во Скопје. Во 1999 година дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на групите за Руски јазик и книжевност и Американски студии. Во 2007 година ја одбранил магистерската дисертација „Паронимите во македонскиот во споредба со рускиот јазик“. Истата година заминал како лектор по македонски јазик на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“. Во 2010 година ја одбранил докторската теза „Антонимите во рускиот во споредба со македонскиот јазик“. Од 2015 година работи во Рускиот центар при УКИМ.

Тој се јавува како преведувач на голем број дела од уметничката литература, но и на публицистика. Автор е на голем број научни и научно-популарни трудови објавени во земјава и во странство. Негово поле на интерес се лексикологијата, лексикографијата, традуктологијата и социолингвистиката.