недела, 26. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

Промоција на „Ново раѓање на зборот“ во рамките на Струшките вечери на поезијата

Промоција на „Ново раѓање на зборот“ во рамките на Струшките вечери на поезијата

Книгатата „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“ ќе биде промовирана вечерва во Центарот за култура во Струга, во рамките на 62. издание на Струшките вечери на поезијата. Книгата е во издание на „ПНВ Публикации“ од Скопје, а за неа ќе говорат приредувачите Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски. Модератор ќе биде Јулијана Величковска.

Стихови ќе читаат дел од застапените автори – Андреј Ал-Асади, Павлина Атанасова, Марија Ангеловска, Марија Велинова, Стефан Костоски и Андреј Медиќ Лазаревски.

Во антологијата се застапени 42 автора родени од 1991 година па наваму, а книгата е поделена на три циклуса: „Време е кога бараат од нас / да зборуваме за сечија друга болка / освен за својата“, „те бодам в грло / да исцедиш песна“ и „Во левиот џеб од капутот ја носам / мечтата кон едноставното“.

– И еве, еве, во оваа 2023 година, кога се навршуваат 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, таа антологија, и тоа на поетското творештво на авторите родени од 1991 година наваму – се случи. Се чини дека и мораше да се случи токму во оваа година во чест на Шопов, затоа што, од една страна, не само потребно, ами се чини и нужно е веќе во македонската културна стварност да се валоризира и критички да се согледа и опсервира она што е нова вредност на македонската современа поезија остварена од нови поетски гласови. Ама, од друга страна, и заради достојното чествување на делото на Шопов, кој важи за еден од најголемите поддржувачи на младите автори во периодот на педесеттите, шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век – и како поет, и како културен деец воопшто, вклучително и преку издаваштвото и преку уредништвото во периодиката. (…) Па така, следејќи ги и пораките и пристапот на Шопов, се пристапи кон подготовката на оваа антологија, се вели во предговорот Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски.

Изданието првпат беше промовирано во Охрид во рамките на 35. Поетска ноќ во Велестово, а ќе биде промовирано и во Скопје, во рамките на Скопскиот поетски фестивал во септември.