среда, 22. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

Ретроспектива на делата на Милош Форман во Кинотека

Ретроспектива на делата на Милош Форман во Кинотека

Со проекција на играниот филм „Коса“ од денеска во Кинотека во Скопје ќе започне да се емитуваат дела на режисерот Милош Форман.

Режисерот е добитник на два „Оскари“ и педесеттина други престижни награди на филмските фестивали ширум светот и со творештво има обединето два филмски „света“ – источноевропскиот со појдовна точка во родната Чехословачка и Холивуд, со придружниот европски шмек.

Тој е роден во 1932 година во гратчето Часлав, како Јан Томас Форман. Во Втората светска војна останал без родителите Ана и Рудолф, кои биле убиени во нацистичките концентрациони логори Аушвиц и Бухенвалд, поради нивното еврејско потекло. Во средината на 50-те години, Милош Форман студира сценарио на прочуената филмска школа ФАМУ, каде што дипломира во 1957, а потоа си го пробива патот во чешката кинематографија – работејќи на разни позиции.

Форман со своите рани дела е протагонист на чешкиот „нов бран“, со филмови во кои тој мајсторски го спојува документарното и играното, создавајќи еден посебен сензибилитет.

Овој месец, Кинотеката ќе прикаже значаен дел од неговата филмографија, и тој избор ги опфаќа неговите луцидни пионерски чекори со среднометражниот филм КОНКУРС (Konkurs / Audition, 1964), потоа долгометражните играни филмови ЦРН ПЕТАР (Černý Petr / Black Peter, 1964), ВЉУБЕНАТА РУСОКОСА (Lásky jedné plavovlásky / A Blonde in Love, 1965) и најнакрај – ГОРИ, МОЈА ГОСПОЃИЦЕ (Horí, má panenko / The Firemen’s Ball, 1967), неговиот последен чехословачки наслов пред заминувањето во САД.