Младинскиот културен центар со повеќе настани од 18 часот до полноќ по седми пат ќе ја организира манифестацијата „Роденден на уметноста“.
Во Џебното кино на МКЦ ќе има бесплатен филмски маратон – Љубовна филмска ревија со четири романтични филмови.
Ќе биде отворена изложба на фигури од пластелин, изработени од деветгодишниот Максим Цветановски и работилница за деца со Доротеј Нешовски во Детскиот креативен центар при МКЦ.
По 11 години повторно ќе гостува излпжба од Музејот на раскинати врски, а ќе биде отворена и изложба на Сашо Димоски.
Во „Фросина“, пак, ќе биде промовирана книгата „Радио“ на новинарот Љупчо Јолевски, која содржи интервјуа што авторот ги остварил во последните пет години со познати претставници на македонската културна сцена.
Ќе има и поетски перформанс „Песнило“ и концерти во салата „25 Мај“, а роденденот ќе заврши со настап на диџеите Виолета Качакова и Мирко Попов во Бифе на МКЦ со почеток во 23 часот.