Во издание на „Македоника литера“ објави е романот „Водата во езерото никогаш не е слатка“ од современата италијанска писателка Џулија Каминито, во превод од италијански јазик на Анета Симовска.
Романот „Водата во езерото никогаш не е слатка“ (2021) лани беше финалист на меѓународната награда „Стрега“, добитник на „Стрега оф“ и на наградата „Кампиело“. До појавата на ова македонско издание, правата за превод на романот беа продадени во 21 земја. Ова е прв превод на дело на Каминито на македонски јазик.
Приказната во романот, како што информира издавачот, во основа е социјална, тешка и мачна, но искрено и реално раскажана од аспект на младиот наратор и со младешки сензибилитет. Главниот лик Гаја и нејзиното семејство живеат во сиромаштија, се чувствуваат како да пловат во најматната вода, без надеж за бегство или подобрување на условите и животот.
„Водата во езерото никогаш не е слатка“ доби повеќе позитивни критички оцени.
– Романот на Каминито е толку жесток, толку вознемирувачки од страница во страница, толку искрен до крајност, што совршено и безнадежно се идентификуваме со неговите ликови и нивните приказни, се наведува во „Sul romanzo“.
Џулија Каминито (1988, во Рим – Италија) дебитира во 2016 година со романот „Големото А“, посветен на африканскиот постколонијализам и базиран на семејни случки, за којшто добива неколку признанија, меѓу кои наградите: Берто, Багута (за прво дело), Бранкати (за млади). Потоа ги објавила збирката раскази „Ги гледавме другите како играат танго“ во 2017, приказната „Балерината и морнарот“ во 2018 и романот „Еден ден ќе дојде“ во 2019 година, за којшто ја добива наградата Фиезоле. Во 2021 беше издаден нејзиниот трет роман „Водата во езерото никогаш не е слатка“.