На 26 декември 2022, во 19 часот на сцената на Театар за деца и младинци – Скопје, ќе се случи праизведба на претставата „РОЊА, ЌЕРКАТА НА ОГРАБУВАЧОТ“, на светски познатата авторка Астрид Линдгрен, а во режија на гостинот од Чешка Република, Јакуб Максимов.
Станува збор за текст што до сега не е поставуван во форма на театарска претстава за деца во нашата земја и посебно сме среќни што направивме за прв пат нешто сосема различно и оригинален театарски продукт наменет за деца над шест години, велат од Театарот за деца и младинци .
-Роња од Астрид Линдгрен е навистина ќерка на еден ограбувач – таа е дива, своеглава и од ништо не се плаши. Приказната за неа е полна со акција па затоа природно ни дојде да ја адаптираме во куклена претстава со многу ритмични и музички секвенци. Додека таа расте, доживува многу пресвртници. За едно такво дете, природно е што некои од нејзините сознанија ќе бидат малку поразлични од начинот на кој размислуваат нејзините родители, ќе посочи режисерот на претставата, Јакуб Максимов.
-Драго ми е што имав можност да работиме со овие актери, со оваа екипа. Беше голем предизвик но нивниот влог е голем. И покрај технички пречки на еден минималистички начин успеавме да изградиме еден посебна приказна и тоа многу ми се допаѓа. Им благодарам на сите, на овој театар и го потенцирам влогот на Ангела Димитрова која се гледа дека актерка во вистинска смисла и одлично ја изведе својата дополнителна задача. Свири на виолина и ги води своите колеги во пеењето и одржувањето на ритамот, изјави Јакуб Максимов режисерот на претставата.
Според директорката на театарот, Катарина Илиевска Силјановска претставата ќе донесе оригинална свежина во репертоарот. Во самата претстава актерите играат, водат кукли, пеат, свират и колективно создаваат едно оригинално сценско дело.
-Да кажам дека Јакуб Максимов, што дипломирал и магистрирал на ДАМУ, академијата за драмски уметности во Чешка, беше поканет прво да одржи работилница во нашиот театар а потоа и да ја режира претставата Роња, ќерката на ограбувачот според истоимениот роман на Астрид Линдгрен позната по Пипи Долгиот Чорап. Чест ни е и задоволство да сме домаќини на авторска екипа Јакуб Максимов, Лазар Новков (композитор и корепетирор) и Олга Зјебинска (сценографка, дизајн на костим и кукли, изработка на кукли). Секој ден дишеме и живееме со оваа претстава и кога легнуваме и кога стануваме, потенцираше Катарина Илиевска Силјановска, актерка од претставата и директорка на театарот.
Драматизацијата за претставата е на Горјан Милошевски, кој вели:
-И покрај тоа што има ограбувачи и во самиот наслов на ова дело сепак е приказна што во голем дел се фокусира на две необични детства. Тие две деца покажуваат колку е битно да се градат и оддржуваат „мостови“ во животот. Екипата е меѓународна и тоа дава сосема поинаква слика, спој од германска прецизност што постои кај Јакуб и балкански дух кај македонскиот дел, вели Милошевски.
Во претставата играат: Матеа Јанковска, Ангела Димитрова, Никола Наковски, Катарина Илиевска – Силјановска, Петар Стојанов, Мики Анчевски.
Оваа претстава е различна од се’ друго што се правело и со неа одиме чекор напред. И важно ми и е и драго што сум дел од овој проект, истакна актерот Мики Анчевски.
Претставата ја остава публиката да си замислува, ја буди нивната имагинација.Се користат многу метафори во сликите и зборовите од оваа претстава, вели актерката Матеа Јанковска.
Јас долго време не сум изведувала композиции на виолина и ова беше навистин предизвик но драго ми е што носи ете ваков резултат. Интернационалниот состав навистина носи еден поинаков резултат и подобар. Во претставата се користат автентични методи, со помош на прсти и раце и предмети создаваме различна атмосфера: невреме, дожд итн. Речиси секој елемент е дел од приказната и вклопен во дејствието, вели актерката Ангела Димитрова.
За прв пат работам ваква претстава и потребна ни е ваква дисцплина како на Јакуб што ете можам слободно да ја наречам германска. Ова е вистинско отклонување од секоја друг претстава што сум ја работел претходно и мене тоа многу ми значи затоа што многу научив од овој процес, потенцира актерот Никола Наковски.
Сценографијата за претставата, дизајнот на куклите, маските, костимите и дизајнот на плакатот и брошурата е авторско дело на Олга Зјебинска од Полска. Композитор и корепетитор е гостинот Лазар Новков (Р.Србија).
Првата реприза е закажана за 27 декември 2022 (вторник) од 19 часот.