Самостојна изложба на Ивана Самандова ќе биде отворена денеска во Музејот на Град Скопје. Изложбата е во рамки на проектот произлезен од договорот со семејството на Борко Лазески кое на Музејот на Град Скопје му ги подари картоните од овој уметник употребени за реализација на големата „Фреска за НОБ“ реализирана во аулата на Старата железничка станица во Скопје во 1958.
Музејот на Град Скопје прифати секоја година да организира самостојна изложба на студент од Факултетот за ликовни уметности од Скопје кој во претходната учебна година ја освоил наградата „Борко Лазески“ за инвентивни достигнувања во сликарскиот оддел. Овојпат тоа е Ивана Самандова.
Самандова е родена во Скопје, 1997 година. Во 2016 ги започнува студиите на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Дипломира во 2020 година, на отсек сликарство и модул реставрација и конзервација. Нејзиното творештво опфаќа процеси на опсервации и истражувања, најчесто насочени со интерес кон општествените проблематики, однесувања, интерконекции и прогрес, подоцна пренесувајќи ги преку интердисциплинарна медиумска уметничка практика.