Во изминатиов период на неколку локации низ Скопје се снимаше новиот краток игран филм на младата режисерка и сценаристка, Ангела Димеска.
Во реализацијата на овој нов македонски краток игран филм е вклучена екипа која брои повеќе автори и филмски професионалци. Во филмот главен лик е Даниела Ивановска, заедно со Билјана Јовановска, Филип Трајковиќ и Жаклина Стефковска. Кинематографер на филмот е Дејан Димески, костимографер на филмот е Емилија Ивановска Атанасовска, сценограф е Влатко Зафирковски, монтажер е Владимир Митревски, а продуцент е Огнен Антов.
Краткиот игран филм „Кутии“ е во продукција на македонската продукциска куќа „Контраст филм“, во соработка со “Дрим Фектори Македонија”, а доби финансиска подршка и од „Агенцијата за Филм на Република С.Македонија“.
КУТИИ ја следи приказната на Лидија (Даниела Ивановска), жена која сакајќи да го подобри егзистенцијалниот статус на своето семејство и здравствената состојба на својата ќерка, станува дел од нелегалниот бизнис со дрога на нејзината пријателка Марија (Билјана Јовановска).
Ангела Димеска е режисерка од младата генерација македонски режисери, чиј опус вклучува неколку кратки играни филмови и телевизиски проекти. Нејзиниот дебитантски, краток игран филм “Перики”, е прикажуван и наградуван на десетина престижни филмски фестивали.