Пред 115 години на 13 март во 1907, во Велес е роден Петре Прличко, еден од втемелувачите на македонската театарска уметност, актер и режисер. Бил припадник на првата генерација современи македонски театарски и филмски дејци и живеел од и со македонското театарско, филмско, радиодрамско и телевизиско творештво, оставајќи зад себе многубројни главни улоги.
Од 1939 г. членувал во Народниот театар во Скопје, па од 1944 г. во партизанскиот театар „Кочо Рацин“ кој подоцна прераснува во Македонскиот народен театар. Токму тука неговиот талент блеснува во полн сјај и тој станува најзначајната личност на македонската сцена во тоа време. Во меѓувреме го испробува својот талент и како театарски режисер.
Со филмот „Фросина“ (1952) тој го доживува своето филмско деби. Со своите импресивни комични трансформации и изведби на улоги на „човек од народот“ го истакнува својот посебен уметнички сензибилитет, на ниво на кое може да му завидат многу други наши глумци.
Добитник е на многу награди и признанија, меѓу кои наградите: АВНОЈ, „11 Октомври“, „Бранко Гавела“, Орден за заслуга (доделен од Георги Димитров) и други.
Во една прилика Петре Прличко изјави дека сепак ако мора да избере една улога како најдрага тоа секако ќе биде „Манданата“ т.е. неговиот лик во филмот „Мис Стон“, за која ја доби и наградата „Златна арена“.
Починал во Скопје, на 16 ноември 1995 година.