четврток, 28. декември 2023. Вести денес: 0
home Култура

СЕЌАВАЊЕ: 22 години од смртта на македонскиот актер Игор Маџиров

СЕЌАВАЊЕ: 22 години од смртта на македонскиот актер Игор Маџиров

На денешен ден, пред 22 години во Скопје почина Игор Маџиров, познат македонски актер. Тој беше еден од најдобрите актери во Македонија, најпознат по улогите во серијалот „Во светот на бајките“.

Меѓу 60-ина кандидати режисерот Милчо Манчевски му ја доделил улогата на Естој во најнаградуваниот македонски филм „Пред дождот“, кандидат за највисоката холивудска филмска награда Оскар. Јавноста го памети Маџиров како актерот со црвена коса, Могли – детето од џунглата, а првата улога како седумгодишно дете ја добил во филмскиот серијал „Белото циганче“.

Маџиров остана запаметен по многубројните улоги одиграни во Театарот за деца и младинци, по легендарната серија „Во светот на бајките“ и по неколкуте улоги во „Македонските народни приказни“.

Сепак најмногу го поистоветуваа и препознаваа по улогата на Могли – детето од џунглата.

Претставата „Убавицата и ѕверот“ во Театарот за деца и млади беше последна за него, кога својата улога ја одиграл само осум часа пред неговата смрт. Во Театарот за деца и младинци во периодот од 1993 до 2000 година Маџиров одиграл над 500 претстави. Роден е во 1970 година во Струмица.