четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

Синот на Сабина Ајрула Тозија: Начинот на Драмски за испраќање е навредлив, мајка ми заслужува повеќе од хипи-смотра низ банална “благодарност“ и “чаша тиквешко“

Синот на Сабина Ајрула Тозија: Начинот на Драмски за испраќање е навредлив, мајка ми заслужува повеќе од хипи-смотра низ банална “благодарност“ и “чаша тиквешко“

Недостоен и навредлив. Вака синот на актерката Сабина Ајрула Тозија го опишува настанот за денеска на кој Драмскиот театар ќе им се заблагодари на Ристо, Сабина, Мајда, Вида…, наместо да одржи комеморација.

Вардан Тозија се огласи преку социјалните мрежи и истакна дека денеска нема да присуствува на настанот. Тозија посочува дека неговата мајка заслужува нешто повеќе од, како што вели, хипи-смотра на денот на театарот, низ банална “благодарност“ и “чаша тиквешко“.

Драги пријатели и почитувачи на делото на Сабина Тозија, Ве известувам дека нема да присуствувам на утрешната комеморација организирана од Драмски театар за заминувањето на мојата мајка, Сабина Тозија.
Сметам дека групниот и паушален начин на кој се испраќаат Сабина и неколкуте големци на овој театар, е недостоинствен за овие луѓе кои го посветиле животот на Драмски, а воедно е навредлив за мене и моето семејство. Мислам дека, како личност која поминала најголем дел од животот во оваа институција и оставила силен печат во македонскиот театар и кинематографија, таа заслужува нешто повеќе од хипи-смотра на денот на театарот, низ банална “благодарност“ и “чаша тиквешко“. До неодамна постоеше правило како се испраќа колега, пријател, актер… очигледно, тие вредности кај некои кои раководат со театарот не значат многу. Сигурен сум дека таа на ист начин би ги бранела овие актерски, и пред се’, човечки начела кога би станало збор за нејзин соработник. Ова збогување со луѓе кои го оставиле својот живот за афирмација на театарот и својата земја, е воедно срам за театарот, и срам за оваа земја. Комеморација за Сабина Тозија ќе има во блиска иднина. Таа ќе биде изведена на поинаков начин, за жал, во рамки на друга институција, и за тоа ќе бидете благовремено известени. Нека почиваат во мир иконите на македонскиот театар, напиша Вардан на Фејсбук.

Со ист став е и семејството на Ристо Стефановски театролог, долгогодишен театарски работник, театарски историчар и долгогодишен директор на Драмскиот театар Скопје. И тие истакнаа дека нема да присуствуваат денеска во Драмски.

-Главната причина е поради тоа што сметаме дека комеморација за Ристо Стефановски не само што треба, туку МОРА да има, а друга причина е што веруваме дека собирањето што го предложува Драмски, театарот којшто тој го формираше и со него ги доживеа ѕвездените мигови, не доликува, и е омаловажување, на ликот и делото не само на нашиот Ристо, туку и на глумците на театарот кои починаа во изминатите месеци. Лесна им земја на сите – легенди, стои во изјавата на семејството на Стефановски.

Инаку, наместо одржување на комеморација, Драмски најави дека на Стефановски, Ајрула и Тушар ќе им се заблагодарат за се што му дале на театарот. Дополнително, пред Ѕидот на славните, како што е најавено, ќе се пие и црно тиквешко.

-Денешниов ден ќе го искористиме да ви најавиме дека на 28.4. (четврток) во 12:00 часот ширум ќе ги отвориме вратите на Драмски за сите колеги, соработници, почитувачи на Драмски, без официјални покани, без билети, без протоколи. На 28.4. во 12:00 часот ќе го славиме животот и делото на сите наши кои ги изгубивме во изминатава година. Нема да правиме комеморација за нив. Ќе им се заблагодариме. На Ристо, Сабина, Мајда, Вида… за се она што му го дадоа на Драмски, кој без нив немаше да биде тоа што е денес. Ќе се потрудиме со своето присуство да им дадеме барем малку благодарност за она МНОГУ што Драмски го доби од Нив. А потоа, пред Ѕидот на славните на Драмски, ќе се напиеме тиквешко црно и ќе ви подариме Монографија од Драмски, која благодарение на Нив постои, објави минатата недела Драмски театар на Фејсбук.