Со претставата „Кафез кај кокони“, Драмски театар-Скопје денеска учествува на фестивалот Денови на комедијата во Куманово. Претставата се игра во 20 часот во салата на НУЦК „Трајко Прокопиев“.
„Кафез кај кокони“ на режисерот Димче Николовски ја имаше својата премиера во мај годинава и освен на матичната сцена се играше и во рамките на фестивалот „5ре“ во Велес и Скопското културно лето.
Улогите во претставата ги играат актерите: Жорж – Филип Трајковиќ, Албен – Александар Степанулески, Жакоб – Стефан Вујисиќ, Табаро – Предраг Павловски, Мерцедес – Димитрија Доксевски, Зорба – Маја Вељковиќ Пановска, Лоран – Дамјан Цветановски, Камиј – Соња Стамболџиоска, Едуар – Златко Митрески, Мјуриел – Нела Павловска, Симон – Емилија Мицевска и Саломе – Бранко Атанасов.
– Француската фарса „Кафез кај кокони“ (“La cage aux folles”) ја има својата праизведба во февруари 1973 година во Париз. Мајсторски конструирана од познатиот актер и комичар Жан Пуаре како комедија на ситуации, забуни и карактери, ја освојува публиката на прв поглед и доживува над 2000 репризи. Игрив и забавен, но и храбро проткаен со сериозни теми дотогаш неприкажани на толку експлицитен и дрзок начин, текстот со хумор и леснотија задира во многу комплицирани теми: потребата за општествено прифаќање, сексуална слобода, избор во љубовта и потребата да се задржи личниот интегритет. Сместена во Сен Тропе, во веселите седумдесети, претставата „Кафез кај кокони“ покажува дека педесет години потоа, овие прашања се се’ уште отворени и провоцираат дијалог низ истата структура на хумор, игривост и дрскост, вели Александра Бошковска, која заедно со Благоја Бошковски Буцко, ја направи адаптацијата.
По денешната изведба на „Кафез кај кокони“ пред кумановската публика, претставата се игра на редовен репертоар на 28 октомври во Драмски театар Скопје.