понеделник, 27. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

„Слободен и среќен“ – прв концерт на Филхармонијата во 2019

„Слободен и среќен“ – прв концерт на Филхармонијата во 2019

Македонската филхармонија в четврток со симфонискиот концерт „Слободен и среќен“ ќе го почне вториот дел од концертната сезона 2018/2019. Од 20 часот првпат на македонската музичка сцена како солист  ќе настапи француската трубачка Лусјен Ренодин-Вари и ќе го изведе атрактивниот Концерт за труба и оркестар во Ас-дур од ерменскиот композитор Александар Арутунијан.

Лусјен Ренодин-Вари (1999) е победничка во категоријата „Откритие“ на натпреварот „Победници на музичката класика“. Класична труба студирала најпрвин на конзерваториумот во Ле Ман, за потоа да продолжи во Париз (2014) каде што била единствена студентка која во исто време учела класична и џез-музика.

На само 11 години победила на натпреварот „ Selmer-Le Parnasse“ освојувајќи ја третата награда на Европскиот натпревар за млади трубачи – d’Alencon. Оттогаш станува победничка на први награди на сите натпревари на кои учествувала. Постојано е присутна на фестивалите низ Европа, настапува како солист со видни оркестри.

Нејзиниот деби-албум „Гласот на трубата“ излезе во 2017 година. Како што наведува Филхармонијата, тој содржи разновиден музички жанровски спектар и ги доби сите позитивни критики, „особено за магичната интерпретација на Ренодин-Вари, која еднакво добро се снаоѓа во изведбата на класичните дела, кои претежно се преаранжирани за труба, како и во џез-импровизациите“.

Диригент на концертот е Петер Феранец (1964) од Словачка. Во неговата богата кариера, меѓу другото, е наведено дека  реализирал неколку успешни турнеи во САД (18 концерти со Симфонискиот оркестар на Баљшој), како и во Европа и во Јапонија.

На програмата на првиот концерт на Македонската филхармонија во 2019-та се и Увертирата за оркестар во Ц-дур („Трубачка“), оп. 101 од Феликс Менделсон, како и лирската Симфонија бр. 3 од Јоханес Брамс.