Со прикажување на хрватскиот филм „Чичко“ (Stric/Uncle) на авторите Давид Капац и Андрија Мардешиќ, утре почнува Интернационалниот филмски фестивал „Киненова“ 2022, посветен на дебитантски филмови. Фестивалот ќе се одржува до 14 октомври под слоганот „Првиот остава трага“.
Игор Ангелков од „Киненова“ на денешната прес-конференција посочи дека одлуката со филмот „Чичко“ да се отвори фестивалот, дојде многу брзо.
Главниот „виновник“ за оваа одлука, како што рече, е директорот на Киненова, Небојша Јовановиќ.
-Можам да кажам дека филмот влезе во зоната на зачудувачки филмови. Откако го гледав, веднаш најдов поврзувачки точки на овој филм со она што го работиме изминативе шест години на фестивалот. Ние сме третирале грчка кинематографија и тој нивни нов бран по сензибилитетот многу ми наликува на тој овој филм. Оваа година ги имаме првите три филмови на Михаил Ханеке, а тој исто снима чудни флмови, барем во првиот период, и секако „Чичко“ беше логично надоврзување на сето тоа, додаде Ангелков.
Напомена дека дополнителна позитивна околност е и тоа што во филмот играат млади автори, а како што рече, „Киненова“ Ñ �екогаш третира дебитантски филмови.
-Кога го изгледав филмот на крајот си реков дека вакво нешто не сум видел до сега од регионов или од Балканот, додаде Ангелков.
Режисерот на филмот „Чичко“, Давид Капац рече дека инспирацијата за филмот доаѓа од нивните лични семејни односи. Филмот е тешко жанровски да се дефинира, може да биде драма, но како што рече, постојат и филмови со недефиниран жанр, кои се успешни.
-Почнавме со нашите основни односи со семејството и нашите сеќавања од детинството, па на некој психотераписки начин ги решавме нашите трауми од детство. Израснати сме со филмови и низ филмска призма одлучивме да се соочиме со семејни односи кои не мачат, да дадеме одговори и да ги разрешиме или пребродиме, додаде режисерот Капац на денешната прес-конференција.
Целиот проект за овој филм, како што рече, траел седум години.
-Уште на почетокот знаевме кои актери ќе ги играат улогите на татко, мајка и син, уште од првата реченица која ја напишавме. За улогата на чичко на почетокот замислувавме тоа да биде помлад актер, но малку подоцна сфативме дека можеби треба улогата да ја игра актер од 30 или 40 години, па тогаш почнавме со кастинзи, на кои викнавме четири/пет добри хрватски актери, рече Капац.
Актерот Горан Богдан кој толкува една од главните улоги во филмот „Чичко“ денеска на прес-конференцијата рече дека приказната за „Чичко“ постои многу одамна, а се што работат, го работат за публиката.
-Секако ние ова го работиме најмногу за публиката. Публиката најпрвин ја препознава и наградува таа наша заиграност и чистота, и ние се занимаваме со оваа професија за таа заигреност да ја срочиме како што треба. Целта е да ја задржиме таа заигреност и чисточа и да си играме што подолго и да бидеме успешни во тоа. Тоа е нашата психоанализа, тоа е наш лек и нешто што не одржува млади, додаде актерот Горан Богдан.
Режисерот Андрија Мардешиќ, кој исто така го потпишува филмот „Чичко“ на прес-конференцијата посочи дека во текот на целиот процес на изработка на филмот имале многу ментори.
-Имавме многу ментори во целиот овој процес, тоа е она што ни помогна да знаеме што не сакаме. Идејата која ја имавме од почеток ни помогна да истраеме во сето тоа, и затоа е филмот таков каков што е. Менторите често знаеја да не воведат во некаква семејна драма, божиќна драма, и мило што ни е ги поминавме тие ситуации за филмот на крајот да испадне ваков, со идејата која ја сакавме уште на почетокот, додаде Мардешиќ.
Инаку, филмот „Чичко“ светска премиера имаше на фестивалот Карлови Вари во Чешка, каде го доби признанието „Проксима“, потоа беше емитуван на филмскиот фестивал во Пула, Хрватска каде режисерите и сценаристи Капац и Мардесиќ беа наградени за филм со најдобро сценарио, а неодамна филмот беше емитуван и на Фестивал на европскиот филм во Палиќ, крај Суботица.
Фимот ќе биде премиерно прикажан пред нашата публика утревечер во Кино „Миленум“.
Меѓународната презентација на „Чичко“ во кој главната улога ја толкува познатиот српски актер Предраг Мики Манојловиќ, продолжува вечер во Битола на ИФФК „Браќа Манаки“, каде според програмата ќе биде емитуван и италијанскиот филм во конкуренција „Осумте планини“ во кој кинематографер е Рубен Импенс.