Во Битола и во Скопје, во организација на битолскиот Камерен оркестар, ќе се одржат два концерта посветени на музичкиот великан Јонче Христовски. Според музичарот Ристо Самарџиев, целта е да пренесат само дел од она огромно творештво, што овој великан на македонската музика го има создадено низ годините.
На концертот, освен Ристо Самарџиев, меѓу другото ќе настапат и уметниците Виолета Томовска, Ленче Кукиќ, Горан Кукиќ, Елена Андоновска, Душко Георгиевски, Петар Младеновски и Агну Авшар.
Во Битола концертот ќе се одржи на 4 април во Центарот за култура, а веќе следниот ден, 5 април, во Скопје во Националната опера и балет.
-Ќе се обидеме да пренесеме само дел од она огромно творештво, што овој великан на македонската музика го има создадено низ годините. Се надеваме дека тоа ќе успееме да го реализираме барем во некој дел, и драго ми е што за првпат на еден ваков начин, со камерен оркестар, со 40-тина музичари на сцената ќе прозвучат неговите легендарни композиции. Основата на ново создадена македонска песна сигурно лежи и кај големиот Јонче. Тој има важна нота во песните со која истовремено можеме и да тагуваме и да заиграме, рече на денешната прес-конференција Ристо Самарџиев.
Неговите песни, потенцираше, се слушаат и изведуваат дури и во Јапонија и тоа само покажува колку вредноста на неговата музика е универзална за целиот свет.
Агни Авшар на прес-конференцијата напомена дека Јонче Христовски не случајно го нарекуваат човек институција, поради тоа што тој не бил само песнопеец, туку и кореограф, но и многу голем поборник за зачувување на автохтоноста на македонската фолклорна музика
На концертот, како што информираше таа, ќе може да се слушнат неговите најубави песни во оркестрација на Владимир Димовски, кој освен што се појавува како аранжер и оркестран на оваа манифестација, тој е и диригент на Камерниот оркестар на Битола.
Како што напомена Авшар, оркестрациите се направени за постарата публика да може да се потсети, а помладата да се запознае со неговата музика.
Захаринка Милосављевиќ на прес-конференцијата денеска потенцираше дека Јонче е и ќе биде еден од најголемите промотори на македонската народна песна, на македонската инструментална музика.
-Тој знаеше и да каже и да отпее и да биде другар. Работевме заедно не само како членови на МРТ, соработувавме многу, додаде Милосављевиќ.
Душко Арсовски рече дека имавме голем човек, големо „богатство“ и напомена дека е редно на ваков, но и на некој повозвишен начин да му одадеме почит, бидејќи тој е основоположник на македонската песна.
Виолета Томовска потенцираше дека сите песни што тој ги компонираше, сите беа „бисери“ и останаа „бисери“.
-Тој остави голема трага во мене. Сите негови песни се поврзани со македонштината. Кога тој ќе запееше на сцената, сите во публиката пееа со него. Имавме и преработки на многу други изворни песни, рече Томовска на прес-конференцијата.
Јонче Христовски (Битола,1931 – Скопје, 15 април 2000) бил македонски пејач, текстописец и композитор. Се прославил со својата песна „Македонско девојче“, а впечатливи му биле и изведбите на песните „Животе мој“, „Ај засвирете ми чалгии“, „Запеј песна Македонко“. Како најзапаметени и највпечатливи негови песни се „Едно име имаме“, „Ако умрам ил загинам“, „Ој, Вардаре македонски“, „И ние сме деца на Македонија“’, „Мој роден крај“, „Куќа имам на Пелистер“ и други.