среда, 29. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

СРАМ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ТЕАТРИ: Ниту комеморација не направија за човекот кој го создаде Драмски, Ристо Стефановски заслужи почит!

СРАМ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ТЕАТРИ: Ниту комеморација не направија за човекот кој го создаде Драмски, Ристо Стефановски заслужи почит!

Драмскиот театар во Скопје со еден Фејсбук статус се “потруди“ да го испочитува ликот и делото на човекот кој е најзадолжен за постоењето на институцијата. Ова е срамно и понижувачки. Изгледа новите раководства не знаат што значи името Ристо Стефановски.

Ниту трошка почит за Стефановски, по неговата смрт, не успеа да искаже ниту МНТ!

Драмски театар не најде време ниту да организира комеморација за човекот кој го создаде театарот.

Тој беше на чело на оваа институција и заслужен за секој успех цели 26 години. Беше директор на оваа институција од основањето во 1957 до 1983. Под негово раководство, Драмски театар Скопје го остварува најголемиот подем потвреден од најпрестижните театарски фестивалски награди и сојузни признанија.

Од 1983 година беше генерален директор на Македонскиот народен театар (МНТ) во Скопје. Ниту МНТ не најде време и доблест со еден свечен настан да искаже почит за Стефановски.

Стефановски, театролог, долгогодишен театарски работник и театарски историчар почина на 94 годишна возраст на 22-ри март годинава.

За оние кои денес се на чело на театрите кои беа најуспешни во рацете на Стефановски, да потсетиме колкава беше важноста на човекот чија најголема љубов беше театарот.

Автор е на 12 тома од книгите „Театарот во Македонија“. Ги создаде „Летопис на македонската драма и театар“,„Монографија – 30 години Драмски театар“, „Мојот театар – Театарски вистини, записи, сведоштва, сеќавања“…

Меѓу бројните награди се највисоките државни „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, Стериина награда за животно дело на Фестивалот Стериино позорје, Нови Сад, Награда на Фестивалот „Војдан Чернодрински“ за животно дело, Ордените за труд со бронзен, сребрен венец и златен венец, „13 Ноември“, Одликување на Француската влада „Академска палма“ и други.

Многу може да се зборува за успесите на овој човек. Неговите дела ќе останат вечно да бидат богатство на македонската култура, но вечно ќе остане и срамот на македонските театри кои не организираа ниту комеморација!

Актерот Јовица Михајловски се огласи на оваа тема и испрати важни пораки.

„Ристо го создаде Драмски, тој ја избра екипата, да не беше Ристо можеби ќе го немаше ни Драмски и еве, веќе четврта недела како замина, а јас чекам неговиот Драмски театар Скопје да објави простување како што доликува на основачот и најзаслужниот за ѕвездените успеси на Театарот, како најтрофеен репрезент на македонскиот театар во регионот и пошироко во европски и светски релевантни театарски светилници. Зошто нема комеморација во Драмски театар? Башка што и сегашната в. д. директорка е примена на прва работа во Драмски баш во мандатот на Ристо. Нашиот Ристо е физички отсутен, но духовно, научно е најприсутен во историјата на македонскиот театар. Факт и прилика за Драмски театар да си го потврди и одбележи како свое наследство и придобивка, институцијата која тој ја создаде и обликува во паметник“, вели актерот Михајловски, кој целата своја професионална кариера ја има поминато како член на ансамблот на Драмски театар.

„Ако не се сетија во Драмски, Ристо Стефановски заслужи комеморација и во Македонскиот народен театар во кој дојде како директор во 1983 и таму беше до 1988. Токму во негово време, со ‘Среќна Нова ’49’ МНТ ги доживуваше ѕвездените мигови“, вели Јовица Михајловски.

„Не ни требаат Бугари да се обезличиме. Сами знаеме најдобро да си ги сотираме корените“, резигнирано вели Михајловски за тоа што ниедна од институциите каде Стефановски остави историска трага не најде за сходно да го испочитува со комеморација за одбележување на неговото дело.