Со големата поетска манифестација „Мостови“, вчеравечер на Мостот на поезијата, на истекот на Црн Дрим од Охридско Езеро, Струга и стружани се простија од гостите – учесници на 58-то издание на „Струшки вечери на поезијата“ (СВП), една од најголемите културни манифестации во земјава и најстариот поетски фестивал во светот што се одржува во континуитет секоја година.
Во церемонијалниот дел беа доделени трите награди што ги доделува СВП.
Претседателот на Управниот одбор на СВП, Елизабета Шелева ја додели главната фестивалска награда, „Златен венец“ на годинашниот лауреат, романската поетеса Ана Бландијана.
Добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга издадена меѓу две изданија на фестивалот е Јовица Ивановски за неговата книга „Човек“, додека наградата „Мостови на Струга“ за најдобра дебитантска книга, која СВП ја доделува под покровителство на УНЕСКО ја доби младата хрватска поетеса Моника Херцег за нејзината збирка „Почетни координати“. Наградата на Ивановски му ја додели претседателот на жири-комисијата за наградата, Милован Стефановски, а на младата поетеса, директорот на фестивалот, Тодорче Тасевски.
По доделувањето на наградите, пред стружани 19 поети од земјава и од странство, меѓу кои и тројцата наградени, повторно читаа свои творби.
Традиционално, со манифестацијата „Мостови“ фестивалот се простува од градот-домаќин.
Сепак, тоа не е и вистинскиот крај на годинашниот фестивал, оти поетскиот карван денеска ќе посети неколку други градови освен Охрид, каде вчера се одржаа некои од клучните настани на фестивалот, а завршниот настан вечерва е во Музејот на современа уметност во Скопје.
Завчера во Охрид, во катедралниот храм Света Софија се одржаа две претставување на славни поети. Првин беше презентиран поетскиот портрет на починатиот поет Матеја Матевски, добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата во 2011 година. За поетското дело на Матевски говореше академик Георги Старделов, а Поетскиот портрет на годинашната лауреатка, Ана Бландиана, го претстави проф.д-р Елизабета Шелева. Во рамките на поетските портрети беа прочитани дваесетина песни од двајцата автори во оригинал и во превод на неколку јазици.
Славењето на поезијата потоа беше заокружено со мини-концерт во Света Софија, при што Дино Имери на клавир исполни две дела од Рахмањинов, потоа негова обработка на народната песна „Јас те пратив на вода, Калино“, а во завршницата, во чест на лауреатката, Романски народен танц бр.3 од Бела Барток.