Националниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“ в четврток (9 јуни) ќе настапи во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово. Гостувањето е дел од циклусот целовечерни концерти „Танец низ татковината“ кои имаат атрактивна играорна и вокално-инструментална програма со фолклорно богатство од различни региони на земјава
–Постојаниот контакт со домашната публика има клучна улога за континуитетот и опстанокот на македонската музичко-сценска фолклорна традиција и е од исто толкаво значење како и претставувањето надвор од границите на земјата. Главната цел на овие концерти на „Танец“ е доближување на македонското народно творештво до нова и поширока публика. По успешните мартовски концерти во центрите за култура во Делчево, Радовиш, Свети Николе, Пробиштип и Кичево, „Танец“ ќе настапи во Тетово со комплетна изведувачка формација, составена од играорците, хорот и оркестарот, која ќе брои педесетина уметници, изјави Бранка Костиќ-Марковиќ, уметнички раководител во „Танец“.
Концертот ќе претстави кореографии и повеќе инструментални и вокални изведби од богатата македонска фолклорна ризница. Ќе се одржи на големата сцена во Центарот за култура со почеток во 20 часот. Влезниците по цена од 100 денари може да се купат на билетарницата на Центарот за култура.