вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

Трибина на ДПМ посветена на академик Милан Ѓурчинов

На отворањето на трибината, претседателот на македонската писателска асоцијација Веле Смилевски на академик Ѓурчинов ќе му предаде Повелба на ДПМ по повод неговото 60-годишно членување во  Друштвото. 
Трибина на ДПМ посветена на академик Милан Ѓурчинов

Друштвото на писателите на Македонија денеска напладне ќе организира трибина „Епохата на естетскиот плурализам – дебата за критиката“ посветена на академик Милан Ѓурчинов по повод 90-годишнината од неговото раѓање.

Како што најави ДПМ, на трибината ќе учествуваат академик Влада Урошевиќ, д-р Елизабета Шелева, д-р Лидија Капушевска Дракулевска, д-р Соња Стојменска Елзесер и д-р Димитрија Ристевски.

На отворањето на трибината, претседателот на македонската писателска асоцијација Веле Смилевски на академик Ѓурчинов ќе му предаде Повелба на ДПМ по повод неговото 60-годишно членување во  Друштвото.

– Како есеист, критичар, книжевен историчар, теоретичар и антологичар, Милан Ѓурчинов остави силен печат во сите позначајни фази од развојот на македонската литература, во времето на книжевната конфронтација, одбраната на модернистичките тенденции и промовирањето на книжевниот плурализам, до најновите литературни процеси од 21 век, соопшти ДПМ.

Милан Ѓурчинов својот работен век го помина како професор на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Беше шеф на катедрата за славистика и покренувач и раководител на катедрата за компаративна книжевност. Неговите Избрани дела се објавени  во десет тома. (МИА)