вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

Трпчески со номинација за Меѓународните награди за класична музика

Трпчески со номинација за Меѓународните награди за класична музика

Во три етапи, жирито ги соопшти номинираните во секоја од 16-те категории за влез во Салата на славните на Меѓународните награди за класична музика – ИЦМА (ICMA – International Classical Music Awards). Меѓу трите проекти номинирани во категоријата „разновидна програма“ е и последниот компакт диск на кој македонскиот пијанист Симон Трпчески заедно со Јаначек филхармонискиот оркестар од Острава, Чешка и прославениот диригент Кристијан Мачелару од Романија, изведуваат програма со дела од Шостакович, а што во мај годинава го издаде престижната британска етикета „Лин Рекордс“.

Во изјавата за Македонското радио по повод ова издание, Симон Трпчески тогаш појасни:

-Станува збор за еден производ од оваа пандемија што јас го иницирав за да бидам продуктивен кога веќе немав концерти. Заедно со „Лин Рекордс“, Јаначек филхармонискиот оркестар од Острава и романскиот диригент Кристијан Мачелару, кој е шеф-диригент на Националниот оркестар на Франција, како и првиот трубач на овој оркестар – Андреј Кавалински од Белорусија, на моја иницијатива успеавме да организираме снимање на двата пијано концерти на Дмитри Шостакович, како и на Второто трио за виолина, виолончело и пијано, со моите драги колеги од проектот МАКЕДОНИСИМО – Александар Краповски и Александар Сомов. Овој избор е еден опис на различните творечки периоди од животот на Шостакович, а кои сведочат за неговата креативност и оригиналност.“ – рече тогаш Трпчески.

Имињата на добитниците на наградените ќе бидат соопштени на 18 јануари, а признанијата на лауреатите ќе им бидат врачени на свеченоста во Луксембуршката филхармонија на 21 април наредната година.