вторник, 28. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

Трпчески со пријателите на концерт и пренос во живо од лондонски Вигмор хол

Трпчески со пријателите на концерт и пренос во живо од лондонски Вигмор хол

Македонскиот пијанист Симон Трпчески денеска во престижната концертна сцена во Лондон ќе одржи матине концерт насловен „Трпчески и пријателите“, во рамки на пролетната серија концерти на Вигмор Хол. Почетокот на едночасовниот настап е закажан за 13 часот по британско, односно 14 часот по средноевропско време, информираат од  „КултурОп“.

Овој концерт, на кој сцената со Трпчески ќе ја делат и Ѓорѓи Димчевски на виолина, Сорин Спасиновици од Романија на виола, Александер Сомов од Бугарија на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет и Влатко Нушев на перкусии, ќе се пренесува во живо на веб-страницата на Вигмор Хол во HD, а видеото ќе биде достапно 90 дена по датумот на емитување.

Во меѓувреме, издавачката куќа Лин рекордс, по големиот интернационален успех на ЦД-то на кое Трпчески заедно со Јаначек филхармонискиот оркестар од Острава, Чешка и прославениот диригент Кристијан Мачелару од Романија изведуваат програма со дела од Шостакович, веќе за крајот од овој месец го најави и излегувањето на првиот самостоен компакт диск за познатата британска етикета на која Симон Трпчески ќе се претстави со дела од Моцарт, Брамс и Бетовен, посочуваат од „КултурОп“.