Македонскиот пијанист со светско реноме Симон Трпчески синоќа во „Коларац“ во Белград го претстави „Македонисимо“ во рамки на циклусот „Рефлексии на Бемус“, што беше и регионална премиера и на овој негов нов емотивен проект инспириран од македонската народна музика.
На еуфоричниот прием и овациите од белградската публика, Трпчески и пријателите – Александар Краповски на виолина, Александар Сомов од Бугарија на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и на кавал и Влатко Нушев зад удиралките, по изведбата на препознатливите македонски ритми аранжерски облагородени од нашиот композитор Панде Шахов, низ кои провејуваат Буфчанско, Малешевка, Црногорка, Беранче, Велигденско, Пелистерско, Поступано, но и Филка мома, Чие е она девојче,… возвратија и со специјалниот бис од преработка на две српски ора.
По концертот Трпчески изјави дека многу се радува на овој концерт во Белград и му е многу мило како поминал.
– Центарот на белградските фестивали нè покани да го претставиме нашиот проект и за нас беше предизвик пред белградската и српската публика кои многупати досега покажале дека ја познаваат и сакаат македонската музика, да го изведеме „Македонисимо“. Драго ми е што и ние и публиката имавме една вистинска предновогодишна концертна забава, рече Трпчески.
Осумдесетминутниот проект „Македонисимо“ минатиот месец беше изведен во Велика Британија (Ливерпул и Бирмингем), а веќе се утврдуваат и термините за наредниот период за претставување во регионот, Скандинавија, Велика Британија, САД и Азија.
МИА