Вчера во 18:00 часот се одржа премиерата на претставата „Вејка на ветрот” во режија на Андреј Цветановски.
Коле Чашуле е претставник на новата, повоена генерација драматурзи. Употребува сосема нов, модерен израз и исто така, нови тематски преокупации.
Негови најпознати драми се: „Црнила“, „Вител“, „Вејка на ветрот“, „Градскиот саат“ и др. Вејка на ветрот е приказна за еден од основните мотиви во македонското драмско писмо, а тоа е печалбарството, сонот за подобар живот и се случува во “земјата на соништата” – Америка.
-Парите се отепувачка е мотивот низ кој треба да се гледаат ликовите на тој комплициран триаголник во кој се случуваат сите разврски. За некого отепувачката е во љубовта, за некого парите се отепувачка на духот, а за некого тие се и физички отепувачка. Низ модернистичките очи на Чашуле ликовите кои низ архетипски мотиви кои се влечат од антиката па наваму, се создава добра основа за повторно препрочитување на македонската судбина која се повторува и денес. Актуелноста на темата заминување во подобро утре и преиспитување дали тоа утре е подобро е основната тема на претставата која се заснова на сите постулати на тоталниот театар, вели Цветановски.
Ликовите во претставата ги толкуваат Надица Петрова, Никола Кузелов, Рубенс Муратовски и Марија Кондовска.
Екипата вели дека премиерата е одиграна во чест на Коле Чашуле, бидејќи годинава навршуваат дваесет јубилејни години од неговата смрт, а сто години од неговото раѓање.
Проектот е поддржан од Министерството за култура.