Во организација на Општина Кочани и библиотеката „Искра“ денеска се одржа првата официјална промоција на најновата книга „Седумте“ од алпинистката, амбасадорка на родовата еднаквост во спортот, екологистка и ликовна уметница Илина Арсова.
На претставувањето на делото присуствуваа голем број љубители на планинарењето, извидници, екологисти и вљубеници во пишаниот збор, при што беше истакнато дека тоа содржи патописи за љубовта, планините и за уметноста, и претставува документ за патешествијата и подвизите на Арсова, што оставаат неизбришлива трага во историјата на македонскиот спорт.
-Сметам дека оваа книга е своевиден учебник по етика во кој не низ сувопарни дефиниции, туку со примери, отворено и жестоко се критикуваат слабостите и девијациите што го мачат обичниот човек, спортистот, уметникот – сите згмечени од малодушноста, примитивноста или зачауреноста на поединец или структура. Во својот поход, наречен „Седум врвови на седум континенти“, Арсова не се штеди, таа е неуморна, неприкосновена, на моменти безмилосна, сурова кон себе во остварувањето на целта. Зборува девет јазици, посетила 50 земји на пет континенти, стапнала на Алјаска и на Антарктикот, се искачила на Аконкагва, Кили, Елбрус, Денали, Пунчак Џаја, Висон, таа е првата Македонка која го освои Еверест. Вљубеник во скијањето, спортското качување и високогорско планинарење, искачува карпи и вулкани – уникатна. Поклон до земја за Илина, истакна промоторката на книгата, Љубинка Ајтовска.
Во рамки на промоцијата, претставници на кочанските планинарски друштва „Москито“ и „Осогово“ и од извидничкиот одред „Ластовица“ разменија искуства со Арсова за можностите и предизвиците во планинарењето. Исто така, ученици од кочанските основни училишта, мотивирани од нејзините врвни постигнувања, твореа на ликовна работилница под наслов „Инспиративната природа – поттик на еден вљубеник во планинските височини“.
Настанот се реализираше со средства од Локалниот акциски план за еднакви можности на жените и мажите на Општина Кочани.