Во рамки на одбележувањето на 3 Ноември, Денот на ослободувањето на Прилеп, денеска во фоајето во Центарот за култура „Марко Цепенков“ беше промовирана фото-монографијата „Ченто – биографија низ фотографија“ од прилепскиот историчар од Заводот и музеј, Рубинчо Белчески.
Според Белчески, Монографијата е заокружување на неговото повеќегодишно истражување за првиот претседател на Президиумот на АСНОМ. На издавањето на Монографијата и претходеа изложби низ повеќе градови во земјава за материјалите кои ги истражувал и ги собирал Белчески за Методија Андонов Ченто.
-Монографијата содржи 250 фотографии, 150 хронолошки настани, текстови, голем број мисли, говори на Ченто, како и неговата позната статија која ја пишува пред одржувањето на Првото заседание на АСНОМ. Монографијата ги содржи и фактите од 90-ите години кога со осамостојувањето на Македонија, голем број уметници и творци на различен начин го овековечуваа делото на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ. Дел од оваа фотомонографија се голем број споменици, спомен-обележја, ликовни и други дела за Ченто. Значи, во фото-монографијата е ставено сѐ што е создадено од творци, новинари, историчари за Ченто, како и сите дела кои се создавани по неговата смрт, особено кога во 1990 година беше и судски рехабилитиран, објаснува Белчески.