Како дел од програмата за одбележувањето на 24 мај – Денот на сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј, денеска во Музејот на македонската борба во објектот „Порта Македонија“ во Скопје, беше претставен поетскиот опус на истакнатиот хрватски поет Валерио Орлиќ и беше промовирана неговата најнова збирка поезија „Љубов распослана по морето”.
Претставувајќи го опусот на Орлиќ, професорот Васил Тоциновски, добар познавач на хрватската литература и поранешен раководител на Лекторатот по македонски јазик во Риека, Хрватска, нагласи дека ова е „своевиден континуитет на историските културни врски помеѓу Македонија и Хрватска, кои не враќаат назад низ вековите, се до културната, јазична и просветителска средновековна комуникација помеѓу културните центри Охрид и Дубровник“.
Тоциноски нагласи дека врз тоа културно наследство, денес се потпираат творештвото и присуството на стиховите на Валерио Орлиќ, помеѓу македонската читателска публика.
-Покрај во Македонија, Орлиќ настапувал и во многу земји во светот и е добитник на низа хрватски и меѓународни признанија за неговиот придонес во книжевноста во неговата земја, кај нас, потоа во Италија, Словенија, Србија, Бугарија, Полска, Украина и други земји, потенцираше Тоциновски.
Орлиќ е добитник на „Балканската награда за поезија“ на 46-ите „Караманови средби” во Радовиш во 2019 година, на „Струшко слово“ во 2015, „Слово“ во Битола во 2016, како и на Меѓународната награда „Хомер“ за придонес во европската и светската книжевност во Брисел во 2018 година.
Стиховите од најновата збирка на хрватски јазик на промоцијата читаше авторот, а на македонски јазик ги читаше Сашо Огненовски.
Како израз на признателност, Орлиќ денеска беше примен во Министерството за култура, каде се сретна и разговараше со д-р Биљана Туџарова Ќупева, од Кабинетот на министерката Бисера Костадиноска-Стојческа. (МИА)