Во археолошкиот локалитет Стоби во тек е 11-та меѓународна Школа за археологија која започна на 24 јуни и ќе трае до 22 јули. Оваа година, археолошките истражувања се одвиваат со учество на 19 студенти и волонтери од САД, Канада и Кина Проектот е почнат уште во 2010 година како дел од соработката меѓу Националната установа Стоби и Фондацијата „Балканско Наследство“ од Бугарија.
Како што појасни за МИА, м-р Гоце Павловски, кустос советник во НУ Стоби, стручен раководител на археолошките истражувања и инструктор, целта е учесниците да се запознаат со основните методи на археолошко ископување и археолошка теренска документација, а што се прави преку директна работа на терен. Тој информира дека годинава теренската активностите се фокусирани на мистериозниот објект наречен „Затвор“.
Таму се работи на три доцноантички објекти од втората половина на 6 век, сè со цел да се стигне до оригиналната зграда на затворот.
– Сепак овие три објекти се подоцнежни од објектот на затворот и тие се буквално залепени за него во некој подоцнежен период, појасни Павловси.
Воедно преку директна теренска работа, учесниците ќе ги научат основни методи на археолошки ископувања и документација.
Тој информира дека програмата вклучува и предавања на различни теми од историјата и археологијата на Стоби, керамиката, погребните обичаи. Воедно има и предавања за дигитална документација од страна на проф. Џорџ Беван од Квинс Универзитетот во Канада како и неговата асистентка Кристан Џонс кои се во Стоби секое лето од 2015 година наваму.
Во рамки на Школата за археологија ќе бидат реализирани и едукативни екскурзии во Охрид, Битола и Скопје, како и во кралските палати и гробници во Пела и Вергина.
Еден од учесниците во школата, Гејб Филд од Тексас САД, студент по археологија, за МИА информира дека дошол за да стекне искуства.
– Јас сум студент по археологија и едно вакво практично искуство значи многу за мојата понатамошна кариера. Школата е одлична и го оправда моите очекувања, потенцира Филд.
Како што информира Марија Џунова, портпарол на НУ Стоби, на археолошкиот локалитет во јуни се одржала и „Работилница за конзервација и реставрација на римска керамика и стакло и мозаик“, во соработка со Фондација Балканско наследство од Стара Загора, Бугарија, а која трае од 2010 година.
На работилницата за керамика и стакло, годинава учествуваа седум учесници/ученици, од кои една учесничка од Австралија, а останатите шест од САД.
По две недели, по воведните предавања, кои се однесувале на историјата на Стоби, историјат на керамика, карактеристики на глина и керамика и основни принципи на конзервација и реставрација, учесниците работеле и конзервација на керамички садови – реплики на римски садови.
Таа информира дека освен со конзервација, студентите се запознале со начините на техничко документирање на керамика, па изработиле техничка документација на фрагменти керамика и цели керамички садови.
Конзерваторските работи се реализирале под раководство на Билјана Јанкуловска Пеева, виш конзерватор во НУ Стоби додека изработката на техничката документација од страна на Александар Манев, археолог од Археолошкиот Институт во Бугарија.
Во Стоби се одржале и конзерваторските активности во рамки на работилницата за документација и конзервација на мозаик, каде имало имаше седум учесници од Нов Зеланд, Ирска, Кина, а четворица од САД.
Џунова информира дека во текот на првите две седмици учесниците/ учениците имале можност да го запознаат теренот и да отпочнат со техничка документација на мозаик и воведни предавања за основни конзерваторски интервенции и работа на терен со што бил заокружен првиот дел од работилницата.
Работилницата се реализирале под раководство на Томе Филов, конзерватор за мозаик од НУ Стоби, д-р Алесандро Лугарди, конзерватор за камен и мозаик од Италија, на неколку предавања бил вклучен и Мишко Тутковски, археолог од НУ Стоби.
Овие работилници се одржале во периодот од 3 до 23 јуни годинава.