Во организација на Здружението „За Трпејца со љубов“ и под покровителство на Општина Охрид од утре до 28 јули по 12 пат оваа туристичка населба и гостите ќе „дишат“ во ритамот на новото издание на културно-забавната манифестација „На зајдисонце“.
Сцената ќе биде отворена утревечер со изложбата на дела од Интернационалната уметничка колонија што се одржува во Трпејца, а во музичкиот дел ќе настапат Влатко Броз и диџеј Марама.
И оваа година манифестацијата ќе понуди повеќе културно-забавни содржини, со историски часови, презентации на трудови, проекции на документарни филмови, панорамски прошетки, изложби, спортски активности…Кај рекреативните и забавни содржини се издвојува атрактивната трка со куфери по скалинадата во Трпејца.
Летото во свој стил со пародијата „Дојдете во Трпејца“ ќе го затворат познатата македонска актерка Марија Кондовска и угостителот Марјан Митрески – Мац .
Општата цел и концептот на манифестацијата е преку промоција, пред се на познати и признати уметници секој во својата област, со поддршка и отворена афирмација на млади таленти кои потекнуваат од Трпејца и Охрид, но и земјата, па дури и од странство да се збогати културната понуда во ова туристичко место.
Здружението „За Трпејца со љубов“ освен културолошка димензија и градење публика за културни настани во една селска средина има за цел и реализација на забавни содржини кои ќе ја подигнат туристичката понуда на Трпејца која е веќе позната на туристичката мапа во Македонија.