Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски со Мариово и Трескавец во Прилепско е меѓу петте финалисти за наградата Најдобра филмска локација во Европа. Оваа награда ја доделува Европската мрежа на филмски комисии (EUFCN), а областа на Прилепско, каде што се снимаше „Врба“, влезе меѓу топ 5 во конкуренција со локации од 28 земји.
– Локацијата е апсолутно лик во приказната, така е во сите филмови на Манчевски. Има два вида динамика за тоа како употребата на локациите се доживува од публиката – македонската публика се гордее со неговите филмови и ги доживува дури и како дел од националниот идентитет. Публиката во странство ги гледа филмовите на Манчевски – и локациите – како претставување на оваа мала земја, но исто така и како нешто универзално, вели продуцент на „Врба“, Јане Ќортошев во преставувањето на финалистот „Врба“.
На официјалната страница на EUFCN е отворено гласање за петте финалисти кое ќе трае до 12 јануари 2021, а за „Врба“ може да се гласа на линкот: https://eufcn.com/eufcn-location-award-finalist-prilep-area/?fbclid=IwAR0BD5YXutm6dpCzzn0mIRPO3RcA3iI7lo8DsLazyE2DkpopYRnLdQRrUeU
– „Врба“ е македонскиот кандидат за Оскар за 2021 година. За една година од светската премиера на Римскиот филмски фестивал, „Врба“ освои вкупно пет трофеи, постигна рекорди во кино и ТВ-прикажувањето дома, доби одлични критики во светските медиуми, над 20 фестивали на четири континенти, а филмот го продолжува фестивалскиот поход со несмалено темпо што времено беше запрено поради пандемијата, соопшти продукцијата.
Останатите финалисти за наградата Најдобра филмска локација во Европа се: Банска Штјавница од словачкиот филм „Дракула“, Езерото Резија близу Курон од италијанскиот филм „Курон“, замокот Моритсбург од германскиот филм „Ангелите на Чарли“, црквата Пажаисли и манастирскиот комплекс околу неа во Литванија од филмот „Катерина Велика“.
Наградата на победникот ќе му биде врачена во февруари на Берлинале. (МИА)