недела, 12. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

Започна десеттиот, јубилеен, „Џојфест“ во Крива Паланка

Започна десеттиот, јубилеен, „Џојфест“ во Крива Паланка

На градскиот стадион во Крива Паланка синоќа започна јубилејното , десетто, издание на музичкиот фестивал „Џојфест“. Првата фестивалска вечер беше резервирана за младите рокери од „Фикшн“ и нашиот популарен музички состав ДНК, на главната програма, а бројната публика што го преполни градот под Осоговските Планини уживаше и во хитовите на гостин-пејачот, популарниот српски солист Владо Георгиев.

Ова е еден од најголемите фестивали и настани од областа на културата организирани во Крива Паланка, на кој вечера се очекува да има двојно повеќе посетители.

На вечерашната програмска агенда на „Џојфест“ се нашата култна група „Нокаут“ и ДЏ Галоски, а она што навистина сго привлече вниманието на публиката од целата држава и регионот е настапот на балканската жива музичка легенда, Здравко Чолиќ, за што во градот се очекува да присуствуваат неколку илјади посетители, љубители на неговите хитови, со кои растеле бројни генерации на екс-ЈУ просторите, а чии хитови од најновите албуми редовно ги слушаат и пеат многуте обожаватели на неговиот музички стил и денес.

Организатор на фестивалот „Џојфест“ е Општина Крива Паланка, со поддршка од Министерство за култура на РС Македонија. Фестивалот годинава е поддржан од министерството, додека сите останати средства за двата дена на одржување на истиот се обезбедени од спонзорства и донации од општествено одговорни компании.

Крива Паланка овие денови живее во полн ритам. Денес се празнува големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, а утре, 29 август, патрон-празникот на свети Јоаким Осоговски – светецот заштитник на градот.

Денес на стадионот во Крива Паланка ќе се одржи и прослава по повод Денот на рударите, а стотици верници се очекува да го посетат манастирскиот комплекс, бисер на регионот и државата, „свети Јоаким Осоговски“.

Утре на стадионот во градот, во 14 часот, за првпат во организација на Општина Крива Паланка со поддршка од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство ќе се одржи „Фестивал на храна”.