петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Македонија

Лондон: Москва со обвинувања го оттргнува вниманието од нападите врз цивилите во Украина

Лондон: Москва со обвинувања го оттргнува вниманието од нападите врз цивилите во Украина

Тврдењата на Москва дека Британија е одговорна за штетата на гасоводот „Северен поток“ се дел од „руската тактика“ за да се оттргне вниманието од ситуацијата во Украина, соопшти денеска британската Влада.

Москва денеска повтори дека Британија стои зад нападот на гасоводите „Северен поток“ во Балтичкото Море, а портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека Русија размислува какви натамошни чекори ќе преземе како одговор на нападите врз виталната инфраструктура.

„Јасно е дека внимателно ја следиме ситуацијата, но не сакаме да бидеме вовлечени во овие видови на одвраќање кои се дел од руската тактика“, порача портпаролот на британската Влада.

Тој нагласи дека Русија продолжува со „неселективно бомбардирање на цивили и со напади врз цивилна инфраструктура“ и додаде дека во наредниот период Лондон ќе биде фокусиран на „давање поддршка на Киев за Москва да ја загуби нелегалната војна“.

Руското Министерство за одбрана во саботата соопшти дека претставници на британската морнарица учествувале во планирањето и извршувањето на терористичкиот напад во Балтичкото Море на 26 септември, кога беа оштетени гасоводите „Северен поток 1 и 2“.

Истовремено, соопштено е дека тие го раководеле украинскиот напад на Севастопол со помош на дронови, кој беше извршен во саботата.

Велика Британија ги негираше руските наводи, нарекувајќи ги „лажни тврдења од епски размери“.