Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, вечерва беше гостин во во Дневникот на Сител ТВ. Тој ја коментираше новата влада предводена од Димитар Ковачевски и состојбата со државната каса и рече дека ситуацијата е крајно сериозна бидејќи заклучно до вчера, 20-ти јануари касата е 110 милиони евра во минус.
– 110 милиони евра помалку собрани од тоа што се потрошило. Или, да бидам уште попластичен, повеќе од 200 евра за дваесет дена го задолжија секое семејство во Македонија. На сметка на тоа, инвестираа не повеќе од 3 милиони евра во капитални инвестиции, некаде околу 186 милиони денари. Од прилика таа е состојбата на буџетот во првите 20 дена од оваа година што значи дека не се 6 милиони, многу повеќе се, затоа што пари се плаќаат и се даваат во МЕПСО, се плаќаат и даваат во ЕСМ а сето ова немаше да биде така доколку послушаа тоа што им велевме во април, мај изминатата година.
Да се подготвеа за ова што сега се случува како што се подготвија сите држави во регионот, но и сите држави во Европа. Никој не вели дека цената на електричната енергија е висока, никој не вели дека цената на гасот е висока. Да, сите се соочуваат со тој проблем, но висока е за 1200 или за 1300 евра но и висока е и 400 и 500 евра, зависи кога вие ќе го почнете процесот на обезбедување за да можете да го водите и електроенергетскиот систем но и за затоплување. – рече Мицкоски.
Мицкоски објасни дека сето ова ни се случува затоа што се потпишува Рамковен договор за набавка на мазут од околу 40-тина милиони евра затоа што не се способни да обезбедат ресурс како гас кој би произведувал топлина. Рече дека со мазутот скопјани ќе се угушат и тогаш ќе излезат и ќе речат дека виновна е Данела или ВМРО, а потпишуваат договор за набавка на мазут за да ги префрлат топланите.
Тој појасни и дека доколку сега се пренамени производството од гас на мазут, така ќе биде до крајот на грејната сезона и на тој начин народот ќе се угуши, а сето тоа е резултат на нивната неспособност.