Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски, вечерва во своето гостување во емисијата ,,Само интервју”, рече дека ако блокадата на Бугарија ние ја толкуваме како причина за да отстапиме дополнително од интегритетот на Уставот или од кои било други прашања, ние самите ќе си го поканиме второто, третото, петтото или десеттото вето.
– Тогаш Бугарија ќе развие навика и ќе каже во ред, тука ветото функционира, денес ќе им го смениме Уставот, утре учебникот, задутре ќе им го смениме споменикот и на крајот ќе смениме сѐ што сакаме. Македонија не треба да прифати таков начин на преговори, тоа не е европеизација на државата и тоа не го зборам само јас. Земете го Гералд Кнаус, многу добар познавач и промотор на европеизација и обединување на Европа, земете ја Малинка Ристова – работи 30 години на тоа.
Вархеи и Фон Дер Лаен земаат плата, месечно по 24.000 евра и 27.000 евра Урсула фон дер Лајен за да дојде и да каже убави зборови, потоа ќе замине во Ангола, потоа во Мароко, ќе разговара за гас итн. – рече Милошоски.
Милошоски кажа ако се земе предвид регионот, Црна Гора преговара веќе 10 години, а други земји кандидати во рок од 6-7 стануваат членки, Србија води преговори веќе 8 години и треба да бидеме реално со себе, ако во ЕУ има замор од проширување, зошто би се правеле отстапки кога не ни е гарантирано членството.
– Ако се направат отстапки, како што беше во случајот Словенија – Хрватска и двете земји постигнат некој компромис кој што треба да се сретне во моментот на зачленувањето на Хрватска во ЕУ и се прави одреден компромис, тогаш вреди да се размисли. Европа има интерес да има транформација и во македонското општество и во целиот регион, затоа што ние природно, културно и економски припаѓаме кон Европа. Зошто тука би имале влијание некои трети или четврти држави кои имаат помалку со европските вредности и со нашите вредности? Но, Европа треба да си ги почитува своите правила, јас ќе ве потсетам на еден пример каде што Македонија успеа да се обедини. Тоа беше Лисабонската декларација, тогаш целата ЕУ кажа ние сме спремни да ја признаеме вашата држава доколку нема збор Македонија во истата. Тогаш беше Глигоров, беше Кљусев, опозиција, влада и други – рече Милошоски.