Германија најави дека ќе ја зголеми финансиската помош за Палестинците преку Обединетите нации, откако САД решија да скратат 200 милиони долари од помошта со цел да извршат притисок врз палестинското раководство да прифати мировен договор со Израел.
Германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас рече дека американската одлука предизвикала криза во Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) на Обединетите нации, која повеќе од половина век им помага на околу пет милиони Палестинци кои биле протерани како резултат на израелско-арапските војни. Поради тоа, Маас истакна дека Германија ќе ја зголеми својата поддршка за УНРВА над предвидените 81 милиони евра.
– Загубата на таа организација може да предизвика неконтролирана верижна реакција, изјави Маас. Министерот, сепак, рече дека Германија не може самата да го покрие кусокот што се создал во буџетот на УНРВА по повлекувањето на американските средства.