Седумдесет и пет болници во Букурешт се класифицирани како сеизмички ризик еден и два, односно во силен земјотрес би претрпеле големи оштетувања или дури и колапс. Ова го пренесува Диги24 и додава дека во моментов нема јасна стратегија од страна на државата за медицинските установи кои имаат потреба од зајакнување и реновирање.
Меѓу најранливите згради е онаа на Клиничкиот завод Фундени. Изграден пред речиси половина век, има сеизмички ризик – два.
– Во случај на земјотрес ќе имаме многу големи проблеми со конструкцијата. Има микро пукнатини на носечките столбови, паѓа малтер, има места каде што армираниот бетон станал видлив и кородиран, објаснува Маријана Соаре, раководителка на техничката служба на институтот.
Ризик има и за зградата на Институтот за кардиологија и кардиохирургија „Проф. Д-р С.С. Илиеску“, единствената специјализирана болница во оваа област во јужниот дел на земјата. – По дожд или снег, горниот малтер паѓа во големи парчиња. На шести кат гипсот веќе го нема, па направивме заштитни мрежи за да не паѓа врз пациентите, коментира Даниел Кориу, претседател на Медицинскиот колегиум.
– Под овие прекрасни ѕидови има тули од 1965 година, а некои столбови не се дизајнирани да издржат земјотреси поголеми од 6, максимално 7 степени според Рихтеровата скала, вели Дијана Валјан, која работи во институтот 11 години.
– Имаме кревети за реанимација кои тежат по 200 килограми, секакви други инсталации, апарати за ултразвук, секакви машини. Семејствата на оние кои ги носат своите пациенти во главниот град за да добијат најдобра нега се преплашени од тоа што може да се случи во случај на земјотрес, истакна проф. д-р Шербан Бубенек, раководител на Одделот за интензивна нега.
Тој вели дека од 2006 година на секои три месеци испраќал сигнал до властите дека голем земјотрес ќе предизвика уривање на болницата. – Имав ветувања од речиси секој министер и секој претседател и премиер, додаде Бубенек.
Слична е ситуацијата и со Болницата за итна помош „Багдасар Арсени“ – една од најголемите во Букурешт. Таа е во сеизмички ризик, но нема пари за зајакнување. Управителот на медицинската установа до Националната инвестициска компанија доставил проект за санација на целата болница, но се уште се чека одобрение.