Присуството на болеста африканска чума во Бугарија нема да го поскапи свинското месо на македонскиот пазар, смета претседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Ефтим Шаклев.
-Засега нема да има покачување на цената бидејќи земјава со своето производство го задоволува пазарот за свежо свинско месо. Нема да има недостиг на месо, ниту потреба да се зголемат цените, изјави Шаклев.
Моментно цената е 95 до 99 денари за килограм жива мера.
Шаклев апелира одгледувачите на свињи да ги преземат мерките што ги наложи Агенцијата за храна и ветеринарство: поголема дезинфекција во фармите, а оние кои ги пуштаат на паша свињите, тоа веќе да не го прават, бидејќи најголем преносител на оваа болест се дивите свињи, кои можат да дојдат во контакт со нив.
-Агенцијата за храна и ветеринство даде добри мерки за да се заштитат свињите од африканската чума, за која нема ниту вакцина, ниту лек. Апелираме ловните здруженија да почнат со лов на дивите свињи, бидејќи тие се најголемите преносители и не знаат за граници. Една дива свиња може да помине за 24 часа вкупно 50 километри, односно да премине од една во друга држава. Затоа итно мора да се почне ловот на дивите свињи, нагласи Шаклев.
Укажа и дека низ годините ваква болест во државата не е регистрирана. Во моментов земјава има околу 196.000 товеници, а годишно се произведуваат околу 13.000 тони свинско месо.