Во движење се ставени не само земјата и регионот, туку и меѓународни центри, бидејќи правдата е на наша страна и целата врева се крева поради тоа што ние излеговме со наше правно и легитимно барање за премиер Албанец, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети на промоцијата на партијата во Куманово.
-Наместо да се радуваат, другите се налутија и се разочараа. Наместо да ја поздрават, тие ја исмеваат. Ние знаеме дека кога се вознемируваат другите имаат голема мака, но не треба толку да се грижат затоа што со премиерот Албанец ќе се зголеми лојалноста на Албанците кон државата, со премиерот Албанец ќе се зајакне интегритетот и суверенитетот на државата ние не го земаме делот на другиот бидејќи никогаш не сме сакале нешто што не било наше, туку нашиот дел за кој сме пролеале крв, истакна Ахмети.
Тој изјави дека е „загрижен од македонските политичари“, но и од претседателите на албанските политички партии во однос на нивната реакција за идејата на премиерот Албанец во земјава.
-Нашите сограѓани Македонци ме разочараа бидејќи веднаш се исплашија од идејата за премиер Албанец, истакнувајќи дека Албанец не може да биде премиер во Република Македонија. Од дедо и прадедо со документ ни ја оставија земјата и заедно со Сонцето ние сме тука и никој не може да негира едно легитимно право кое самиот Господ го познава. Како можеше да се избере претседател на Собранието Албанец и токму тие говореа дека не може да стане, министер за одбрана Албанец, министер за внатрешни работи Албанец, претседател на Врховниот суд Албанец и ништо лошо не и се случи на ова земја, напротив процесите се движат напред, Европа е Европа на различностите, истакна Ахмети во обраќањето.
Тој потенцира дека во предизборието слуша многу ветувања дека државата ќе стане членка на Европската Унија, но за тоа членство на нашата земја во европското семејство, како што рече, треба да се направат длабоки реформи во правото, да се спроведе ветинг, да се бориме против криминалот и корупцијата.
-Ова може да го направи еден премиер Албанец, истакна Ахмети во обраќањето.