Седумдесет и шест ученици и 123 наставници од наставата со физичко присуство се активни случаи на коронавирусот, согласно вчерашните извештаи од училиштата, информираат за МИА од Министетството за образование и наука.
– Хибридниот модел на настава резултира со помалку од 1 процент активни случаи на КОВИД-19 од наставниците и учениците кои се со физичко присуство. Во сите училишта каде што има позитивни случаи во наставата со физичко присуство се постапува навремено, согласно протоколите и алгоритмите, со цел да се спречи ширењето на вирусот и да се заштитат останатите ученици и учесници во образовниот процес. Доколку, пак, има проценка од епидемиолозите дека наставата треба да продолжи онлајн, се презема таква мерка од страна на училиштето во координација со родителите, велат од МОН.
Министерството за образование и наука додава дека дневно ја следи состојбата со вирусот во училиштата со цел да се заштитат сите наставници и ученици и да се овозможи непречен образовен процес.
Од Министерството посочуваат и дека наставата во основните и средните училишта се одвива согласно Планот и протоколите за организирање на учебната година одобрени од Комисијата за заштита на заразни болести и дека тие доследно се почитуваат и затоа овој модел на образование продолжува да се применува. (МИА)