петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

АНАЛИЗА: Избори? Мало сутра!

АНАЛИЗА: Избори? Мало сутра!

„Мало сутра“ познатата изрека на Зоран Заев, која откако ја кажа, не престана како бумеранг да му се враќа и удира од глава. Овој пат за изборите кои очајно е решен да ги спроведе на 5-ти јули.

Ќе се сложиме сите дека навистина вака не се функционира, со техничка Влада, без Собрание, нешто како „распашана команда“, ама ситуацијата е поинакава, имаме пандемија, имаме многу заболени и починати, а бројката се уште расте и ќе расте!

Навистина ни се потребни избори и функционални институции, Влада која ќе преземе одговорност и ќе носи храбри одлуки за справување со моменталната здравствена и економска криза. Но да одиме на избори во моментов кога бројот на заболени од коронавирусот забрзано расте е апсурдно.

Избирачките места ќе се претворат во концентрациони логори, луѓето кои ќе излезат на гласање, наместо дома ќе треба директно да одат во карантин, бидејќи вирусот со голема брзина се шири во Македонија.

Па од вчера до денес врвот на СДСМ е повеќе од половина во самоизолација, кај дел е потврден и Ковид-19. За какви избори зборуваме? Чаир, Бутел, Сарај, Гази Баба, жариште на коронавирус за кое ако во брзо време не превземете сериозни и радикални чекори ќе станат „минско поле“.

Ако вака продолжи да се шири вирусот во Македонија, на избори ќе може да излезе само дијаспората.

Дека не треба да се оди на брзи избори укажуваат неколку работи.

Првата е дека СДСМ и нејзиното највисоко раководство не ги почитува мерките:

Изминативе неколку дена бевме сведоци како највисокото раководство на СДСМ среде пандемија имаа средба со граѓани и близок контакт, вчера Мухамед Зекири, денес Сања Лукаревска позитивни на Ковид-19, пола од раководството поради близок контакт со заболен е во самоизолација.

Но ѓаволот ја однел шегата во ситуацијата, средба со граѓани, на фотографиите се гледаат и постари луѓе пензионери, за кои овој вирус е најопасен, од раководството на СДСМ се ракуваат со овие луѓе, имаат многу близок контакт се со една цел, предизборна кампања.

За ситуацијата да биде уште поалармантна, се сеќавата не поткупот во Струмица, таму неколку стотици граѓани се најдоа на едно место чекајќи „хуманитарна помош“, протестите во Сингелиќ…

 

Втората причина поради која не треба да имаме брзи избори е правната:

Техничката влада со уредба му забранува на ДИК да има било какви дејствија во врска со изборите, а од друга страна истите тие кои ја донесоа таа уредба даваат изјави дека ДИК можел во време на вонредната состојба да го прочистува избирачкиот список и да се подготвува за избори, многу контрадикторно.

Претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски вели дека е невозможно за 22 дена да се организираат избори посочувајќи дека не се работи само за изведбата на дејствијата околу избирачкиот список. Тој истакна дека во услови на пандемија протоколите на здравствените власт треба да бидат преточени во решенија на ДИК.

-Да надополнам ние пишуваме дека согласно погоре наведеното во нашата информација заклучуваме како ДИК дека е невозможно комплетните подготовки за избори да се изведат за 22 дена. И од тие причини размислувајќи тука не сметајќи ги само овие дејствија кои ги напоменуваме сега околу избирачкиот список туку и новата состојба, протоколите кои треба да ги добиеме од здравствените власт ние ти протоколи треба да ги преточиме во наши решенија и одлуки и по нив да постапуваме. Јасно е дека ни треба многу време за подготовка и организација на изборите. Сметавме дека наше е да дадеме одредена препорака како ќе се однесуваат властите ќе видиме на крајот на денот. Меѓутоа јасно е и дека кажавме дека кај избирачкиот список поради заштита на правото на гласачите за да не се доведеме во ситуација која што ја имавме пред неколку години, ако се сеќавате 2015 имавме толку оспоруван избирачки список, вели Дерковски.

Во Македонија има закони кои мора да се почитуваат, да завладее правото и правната држава еднаш засекогаш.

 

Трета и најбитна работа: Здравјето на граѓаните.

На сите партии во Македонија полни им се устите со тоа дека здравјето на граѓаните им е најбитно, па еве и момент кога тоа може да го докажете.

Да натераш некој да излезе на избори, а притоа корнавирусот толку брзо се шири е во најмала рака глупост, да тераш изборна кампања за време на пандемија, да се сретнуваш со народ, а притоа не ги почитуваш мерките од здравствените работници покажува дека единствено до што на некој му е дојдено е фотељата (читај власта).

Едно е јасно, најмалку што треба во моментов е да има избори во Македонија, ситуацијата се влошува, а почнува да бега од контрола. Наместо ПР треба да се фатите за работа и што побрзо да излеземе од оваа здравствена криза, бидејќи излезеноста на брзите избори кои СДСМ упорно ги тера ќе бидат фатални за здравјето на граѓаните, а излезеноста многу ниска, легитимитетот на таа власт ќе биде сведен на нула, а доколку вака продолжи да се шири вирусот, на тие избори ќе може да гласа само дијаспората.

 

Ристе Здравков

Најнови вести