вторник, 5. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

АНАЛИЗА: Колку и како е инволвирана фамилијата Заеви во Рекет и зошто ОЈО молчи?

АНАЛИЗА: Колку и како е инволвирана фамилијата Заеви во Рекет и зошто ОЈО молчи?

Се започна со паролата „Нема правда нема мир“, продолжи со формирање на СЈО, а заврши со апсење на онаа во која се крстеа и оној кој го крунисуваа.

Ветуваа право и правна држава, впрочем и СЈО требаше да служи за тоа, но ситуацијата во моментов е поинаква. Главната меѓу „специјалните“, Катица Јанева и неформалниот сопственик на 1ТВ се во притвор, обвинети во случајот „Рекет“.

Како поминува времето, овој случај станува се по интересен за јавноста. Имено во моментов, обвинителката Вилма Рускоска, вади видео материјали кои треба да служат како докази во овој случај.

Но во целата ситуација има многу нејаснотии. Доколку се вратиме на самиот почеток на овој случај, каде се тврдеше дека истиот бил пријавен од поранешниот премиер, Зоран Заев, пријава за која никаде нема записник, но и самиот незнаеше да каже кога точно пријавил, па се до денес, кога излезе телефонски разговор лично од Заев и Боки 13, каде можеше да се чуе како Заев му најавува на Боки 13 дека ќе го пријави.

Вчера во емисијата „Што не е јасно“ која се емитува на ТВ Алфа, гостин беше еден од потпретседателите на СДСМ, Мухамед Зекири, кој тврдеше дека Зоран Заев никогаш не се дрзнал да извести било кого во овој случај дека е под ПИ мерки. Тука се поставува прашањето, кој лаже во СДСМ? Или, дали во СДСМ постои координација пред некој нешто јавно да каже?

Вчера на прес-конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, обвини дека вчерашниот ден бил еден од најсуштинските откако бил отворен случајот „Рекет“.

Како што рече Николовски, од вчерашниот ден можело да се заклучи дека , средбите помеѓу Зоран Милевски-Кичеец и Вице Заев биле чести, како и на Зоран Заев со Катица Јанева.

-Ако е точно дека Зоран Заев самиот го пријавил случајот Рекет како што тврди, иако не видовме никаков доказ за тоа, и никаква писмена белешка, тогаш што барал еден од осомничените во Владата, со кого се среќавал во владата и што барал на средба со Вице Заев, брат на тогашниот премиер Зоран Заев. Понатаму, она што е многу индикативно е што не добивме образложение денеска по однос на доказот број 148 зошто немаме тонски запис прикажан во судот. Имено, согласно член 18 од Законот за следење на комуникации каде се предвидува тонско снимање на содржината на комуникациите на лица на отворен простор, значи лица кои што се следат на отворен простор на средби кои што ги имаат, покрај тоа што се покриваат физички, со камери и со видео, се покриваат и тонски. И тоа е јасно во членот 18, подвлече Николоски и потенцираше:

„Исто така од приказот на посебните истражни мерки не се добива впечаток дека истражителите само го фотографирале и направиле видео од средбата, туку јасно е дека има и тонско снимање. Прашањето до јавноста е, зошто ова тонско снимање не е прикажано денеска во судницата, односно прашањето е дали мерките со план не се спроведени, со што е прекршен законот и членот 18 или не истите не се објавуваат во јавноста со цел да се скрие содржината на истите. Доколку во судот не се прикажат посебните истражни мерки во вид на тонски запис од разговорот на Вице Заев во тој момент осомничен во случајот Рекет, тоа ќе значи дека истражителите на МВР ќе бидат ставени во опасност за прекршување на законот како што наложува членот 18, затоа што или свесно го прекршиле законот или се прикриваат докази.“

Имено за информација, иако вчера обвинителката Вилма Рускоска соопшти дека од денес судењата за „Рекет“ ќе бидат јавни, таа денес се предомисли, па така пред почетокот на судењето соопшти дека истите ќе продолжат да бидат затворени за јавноста.

-За да не им се наруши нивната чест и углед, предлагам да биде исклучена јавноста, рече Русковска.

Од партијата ВМРО-ДПМНЕ побараа да бидат објавени тонските записи, со цел да се слушне што разговараат Вице Заев и Зоран Милевски Кичеец.

-Ние ги повикуваме надлежните лица во овој случај да ги објават тонските записи во рамки на судот, за да види целата македонска јавност што зборувале Вице Заев и еден од осомничените во случајот Рекет. Исто така повикуваме најбрзо можно Зоран Заев да каже што зборувал неговиот брат со еден од осомничените, како и тоа што тој зборувал во август месец со Катица Јанева. А од обвинителството бараме да ги повика овие лица да дадат искази затоа што  е недозволиво во оваа фаза кога имаме евидентни докази да истите  се затскриваат. Ова е врв на овој скандал кој што само покажува дека тројцата обвинети во Рекет се само врвот на ледениот брег , дека она што го зборувавме со месеци е дека ова е добро планирана акција планира од самиот врв на СДСМ и на власта, во којашто се рекетирани повеќе од еден бизнисмен, и во којашто се изрекетирани далеку повеќе пари од ова што е сега познато, посочи потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Николовски обвини дека Рускоска вчера се обидела да ја заштити фамилијата Заеви и повика тоа да престане.

-Денеска добивме потврда од судот, за жал обвинителството направи обид да ги скрие односно заштити семејството Заеви. Тоа мора да престане и затоа мора да има одговорност. Уште еднаш повикуваме, содржината на разговорите помеѓу Вице Заев и еден од осомничените да бидат објавени, како и да биде објавена целосната снимка, каде што се гледа дека Катица Јанева се среќава со Зоран Заев. Очекуваме одговори од семејството Заеви за што разговарале со овие луѓе, како се познавале, која е природата на нивната комуникација и познанство, и дали ова ќе го потврди она што целата македонска јавност го знае дека само овие луѓе биле извршители, а само наредбодавци биле лично врвот на СДСМ и семејството Заеви, додаде Николоски.

Оттука на јавноста и се нејасни неколку работи. Зошто Јавното обвинителство не посветува внимание на средбите на Зоран Заев и Катица Јанева, како и на братото на екс премиерот Вице Заев и веќе осудениот во случајот „Рекет“, Зоран Милевски Кичеец? Како и дали извршната власт вршела притисок врз судската?

 

Ристе Здравков

Најнови вести