Антикорупциската комисија ќе направи проверки дали постои судир на интереси при постапувањето на институциите во случајот со издавањето концесија за изградба на хидроцентрала на Дрин Ахмети, внукот на Али Ахмети, најави претседателката на Државната комисија за спречување на корупција Билјана Ивановска.
Во гостување во дневникот на Сител прашана во врска со актуелни случаи поврзани со семејството на лидерот на ДУИ, односно со внуците и синот на Али Ахмети и конкретно барањата на опозицијата да ја провери имотната состојба на внукот Дрин Ахмети кој без ниту еден денар стекнал 39 проценти од акциите во ТЦ „Соравија“, Ивановска појасни дека тој не е функционер и немаат надлежност да ја испитуваат неговата имотна состојба.
-За да испитуваме ние имотна состојба на Дрин Ахмети немаме надлежност бидејќи тој не е функционер. Меѓутоа, ние можеме да постапуваме од аспект на тоа како постапувале институциите – кога му ги давале дозволите за работа? Значи, од тој аспект – да, може да постапува ДКСК, рече Ивановска.
Таа при тоа потврдно одговори дека проверките ќе бидат направени од Антикорупциска за како биле издадени дозволите. Воедно, појасни дека за да се отвори предмет по сопствена иницијатива, одлуката треба да биде донесена на колегиумот на антикорупционерите.
-За ние за да отвориме предмет треба сите околности да ги ставиме на едно место и на колегиум да донесеме одлука по сопствена иницијатива да отвориме предмет. Меѓутоа, една колешка ни е на скрининг. Моментално на работа сме две колешки. Следната недела мислам дека ќе имаме кворум за да имаме колегиум. Во меѓувреме си ги правиме истражувањата кои се’ институции се вклучени во неговиот случај, така што кога ќе имаме колегиум да бидеме подготвени и да кажеме овие и овие ситуации се пред нас, рече претседателката на ДКСК Билјана Ивановска. (МИА)