Има недоверба на граѓаните во институциите и таа недоверба е оправдана. Реформите коишто се ветуваа, она што се зборуваше како празни флоскули дека нема правда, нема мир, сега ништо не е променето. Ние денеска живееме во режим како што сакаше некој да прикаже дека имало претходно. Луѓето повторно шепотат бидејќи не можат мирно и слободно да зборуваат. Заканите се исти, тука се и постојат. Кому ќе пријавите и од кого треба да очекувате постапување по тие пријави? Токму ова се причините не само сега, туку и во изминатите години зошто ние стоиме пред портите на Европската унија толку долго време, изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во вечерашното гостување на ТВ Шења, по изнесените ставови дека продолжуваат секојдневните напади и закани кон нејзе, семејството и најблиските пријатели и соработници од страна на луѓе од власта.
Арсовска додава и дека овие напади нема да ја натераат да се откаже од функцијата и не се случајни, напротив, доаѓаат од луѓе кои се плашат дека ќе ја изгубат сегашната комоција затоа што некој има намера да ги разобличи за се она што го правеле во изминатите години со факти и аргументи.
-Ова се луѓе кои пет години немале ниту еден лош збор за мене лично и професионално. Во моментот кога се соочени со човек кој јавно кажува дека одговорност ќе има за се она што го правеле во изминатите години, тие започнуваат со секојдневни напади. Кај личности со интегритет овие напади не можат да вродат со плод. Работиме на детекција на сите работи кои биле направени и за истото покренуваме постапки за кои ќе видиме дали институциите ќе постапуваат, додава таа.