вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Божиновски: „Пукајте, јас и сега држам час“ – училиштата не смеаат да станат расадник на КОВИД-19!

Божиновски: „Пукајте, јас и сега држам час“ – училиштата не смеаат да станат расадник на КОВИД-19!

Коментар на Перчо Божиновски, професор по македонски јазик и литература: 

„Било је то у некој земљи сељака на брдовитом Балкану“, со овие стихови започнува „Крвава бајка” од Десанка Максимовиќ. Патриотското чувство кое провејува во неа е искажано преку болката предизвикана од злочинот на непријателот што го прави со стрелањето на 300 ученици и повеќе од 30 просветни работници – учители и наставници.

На метафоричен начин искажуваме преку тој историски настан дека сега нашата обврска е да не се доведуваат животи во опасност заради глумење нормалност. Да не ги претвориме училиштата во расадник на КОВИД-19. Да не дозволиме тоа да се случува и во нашата Македонија, на овој ридест Балкан…

„Пукајте, јас и сега држам час“, се зборови кои ќе одекнуваат секогаш. Искрениот учител е подговен дури и да загине за неговите ученици, за неговите деца.

Сакајќи жешкиот костен да го префрлат во рацете на наставниците и родителите, Власта очигледно сака да се амнестира од одговорност. Министерството за образование и наука, Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести сè уште немаат предлог околу почетокот на новата учебна година. Неоспорен е фактот дека веќе е доцна МОН да организира успешна учебна година. Иако власта објавуваше некакви информации околу моделите сепак се добива впечаток дека не се разработени до крај и отвораат безброј неодговорени прашања. Исто така за 5 месеци надлежните не направија никаква анализа на ефектите од учењето од далечина. Имаа доволно време да утврдат прагматични концепти, за да се минимизира ризикот од инфекцијата и да се спречи ризикот по здравјето на сите засегнати со отворањето на училиштата.

Во отсуство на јасна стратегија очигледно надлежните сакаат одлуката за организирање на часовите и наставата да биде оставена на сите други, само не на себе си. Слушаме дека ќе го разгледувале примерот од Израел, но треба да внимаваме затоа што методот „Заштитен меур“ не успеа во Израел. Тоа ни посочува да учиме од своето и од туѓото искуство. Треба добро да се разгледаат сите агли и тоа мора да се направи мошне внимателно.

Сега ќе дојде до израз методиката на наставата и неколкуте начини коишто досега требало да бидат употребени како што се превртена училница, учење низ истражување, примената на ИКТ, употребата на дигиталните алатки во наставата.

Бирото за развој на образованието да изработи скратена програма, како и прилагодување на наставните програми кои би гарантирале ефикасен образовен прoцес.

Надлежните мора да обезбедат услови за дигитализација на наставата и таа да биде достапна за учениците во руралните средини, учениците од социјално загрозените семејства и учениците со попреченост.

Воведување на една наионална платформа за далечинско учење и нејзино поврзување со е-дневникот, со цел намалување на административните обврски на наставниците.

За наставниот кадар неопходен е скрининг за КОВИД-19 доколку се сака успешен почеток на учебната година и треба да има континуиран и лесен пристап до тестови цело време.

Потребно е да се врати рутината на учениците со цел нивна емоционална и педагошка благосостојба.

Во корист на учениците, наставниците, родителите и знаењето редовна настава не може да почне без одговор на следните прашања:

Зошто МОН уште чека и не мапира ковид негативни и ковид позитивни населени места и градови во корист на воспитно-образовниот процес?

Дали по 5 месеци веќе не е крајно време да се изврши мапирање на учениците со сите нивни предности, проблеми и недостатоци?

Доколку учениците слушаат часови поделени во помали групи, по кои протоколи би се одвивало тоа и како ќе се обезбедат доволен број наставници?

Доколку дел од учениците часовите ги следат во училиште, а останатите дома дали тоа значи дека наставниците ќе работат двојно?

Какво решение има за учениците со посебни образовни потреби и што ќе се случи со учениците кои треба да престојуваат во ученичките домови?

Како ќе се обезбеди одржувањето сигурна дистанца кога станува збор за превозот на учениците?

Дали ќе се набават средства за хигиена, средства за дезинфекција, средства за заштита на учениците и вработените сѐ уште е непознато?

Дали се обезбедени технички и сите други неопходни услови за часовите да се одржуваат онлајн?

И уште многу прашања од кои зависи здравјето на учениците и вработените во образовните институции.

Мора да се стори сѐ, за да се заштити здравјето на децата, на семејствата и на кадарот во образованието, а училиштата да не бидат жаришта за ширење на коронавирусот.

Престанете да си играте со образованието!

„Пукајте, јас и сега држам час!“

Најнови вести