Бројот на заразени со Ковид е десетина пати поголем од официјалната статистика, а процентот на позитивни е многу висок околу 50 проценти зошто граѓаните веќе не се тестираат за патување, смета професорот Никола Пановски, пренесе СИТЕЛ.
Според него многу од младите не ни знаат дека биле заразени, поминале без симптоми или многу лесно. Тој е категоричен дека не треба да се враќаат дел од задолжителните мерки кои би предизвикале отпор кај луѓето зошто нема потреба од одложување на овој бран кој поминува, а болници се речиси празни.
– Не мора задолжително, ќе имаше отпор меѓу луѓето, акко препорака е во ред и гледам дека некои носат маски. Точно е дека бранот нема да расте, за некој ден ќе почнат да се намалува бројот и воопшто мерките при вакви респираторни инфекции се прават да се заштитат болниците. Точно е дека не ги заштитивме матичните, малку потешко поминаа овој месец, меѓутоа болниците се сеуште празни. Нема зошто да се одложува, што ако го одложиме за 2 недели, сите мора да го поминеме на некој начин, освен постарите, поризичните кои успеваат да се скријат. Што ќе добиеме ако го одложиме па во септември да продолжи пак бранот. Вака е подобро, изјави за сител професорот по микробиологија Никола Пановски.
Професорот Пановски смета дека нема потреба граѓаните сами да се тестираат и да се изложуваат на трошоци, туку ако почувствуваат симптоми да се изолираат неколку дена.
-Во однос на тестовите јас воопшто не би тестирал, освен епидемиолозите и ние микробиолозите да имаме некоја слика каква е состојбата со инфекцијата. Пациентите, народот никаков ефект нема од тестирањето освен финансиска загуба. Дали е Ковид или параинфлуенца, респираторен или ентеровирус за нив ништо не значи и за едното и за другото треба да се изолираат. Точно е дека некои се тестираат да добијат боледување, меѓутоа и за други болести треба да се добие боледување и никаква разлика нема дали бил Ковид или не бил. Дури да можам да бирам меѓу Ковид и ангина, јас би избрал Ковид или стрептококна ангина кое е потешко заболување за младите. Така да мислам дека тестирањето и не значи ништо, смета професорот Никола Пановски.
Инаку вчера Комисијата за заразни болести не препорача дополнителни Ковид мерки туку апелираа повозрасните и хронично болните да избегнуваат гужви, да носат маски во затворени простории и да се вакцинираат.