Министерот за здравство, Венко Филипче, нема стручен тим, нема визија и нема унифицирани, дијагностички и тераписки критериуми за справување со коронавирусот, оцени во петокот познатиот пулмоалерголог професор д-р Анѓелко Ѓорчев во емисијата „Што не е јасно” на Алфа телевизија.
„Знаат ли македонските граѓани дека сме први во Европа, односно дека првиот центар за астма во Европа е основан на Клиниката за пулмологија во Македонија. Понатаму, трет национален консензус во светот после американскиот и англискиот имаше Македонија. И сега од први во Европа или трети во светот во справување со респираторни болести, сега имаме ли во оваа ситуација унифицирани дијагностички и тераписки критериуми за справување со оваа болест“, посочи д-р Ѓорчев.
Истакна дека актелната Комисија која е најповикана за справување со епидемијата, досега презентира само планови, за кои Ѓорчев оцени дека се неуспешни.
„Тие 78 пациенти кои починаа во домашни услови се токму резултат на тоа што немаме протоколи, немаме гајденси, немаме единствена стратегија. Зошто 200 невработени доктори седат дома?! Зошто две илјади медицински сестри седат дома. Со сите мерки се доцни?! А тој што е на чело, министерот за здравство, треба да има тим треба да има визија, треба да ја изменаџира кризната ситуација“, истакна д-р Ѓорчев.