вторник, 14. мај 2024. Вести денес: 0
home Вести

Д-Р МИЛЕНА СТЕВАНОВИЌ за делта сојот: Симптомите кај сите се исти, но вакцинираните полесно се справуваат!

Д-Р МИЛЕНА СТЕВАНОВИЌ за делта сојот: Симптомите кај сите се исти, но вакцинираните полесно се справуваат!

Новиот четврти бран на ковид-19 веќе ги наполни со пациенти инфективните одделенија и модуларните болници во повеќето градови, па сега здравството повторно се мобилизира. Дел од клиниките повторно се престројуваат во ковид-центри, а здравствени работници ги прекинуваат годишните одмори.

За тоа каква е клиничка слика со хоспитализираните пациенти со ковид-19 во моментов на Инфективната клиника во Скопје, кои се симптомите на вакцинираните и на невакцинираните пациенти, како и за тоа како се лекуваат, ПлусИнфо разговараше со директорката д-р Милена Стевановиќ.

Таа за Плусинфо вели дека пациентите примени на Клиниката за инфективни болест во најголем број се многу тешко болни или средно тешко болни, лица кои имаат јасни предиспозиции за влошување на болеста, како и дека станува збор за претежно невакцинирани лица.

Директорката посочува дека нема разлика во симптомите кај вакцинираните и кај невакцинираните заболени и дека тие се исти во споредба со претходните три ковид бранови кои ја зафатија нашата земја.

– Симптомите се исти. Болеста започнува со зголемување на температурата и таа се движи од 37,4 степени, но некогаш достигнува и до 40 степени. Се јавува малаксаност, главоболка, болки во коските и во мускулите, болка во грлото, кашлица, отежнато дишење, проливи и повраќање. Се разбира, овие симптоми се јавуваат различно, не сите кај еден пациент. Симптомите се со различна јачина и времетраење. Никогаш не можете да знаете кој симптом кај кого ќе се развие, колку ќе биде интензивен и колку време ќе трае и какви дополнителни компликации ќе се појават – вели д-р Стевановиќ.

Таа додава дека главната разлика помеѓу вакцинираните пациенти и невакцинираните пациенти е пред сè во интензитетот на симптомите и во појавата на евентуални компликации.

Со оглед на тоа што досегашните студии велат дека вакцинираните заболени имаат полесна клиничка слика, поради тоа кај нив се менува и начинот на лекување.

– Најчесто пациентите кои биле претходно вакцинирани имаат лесни клинички слики на настинка кои брзо поминуваат и немаат потреба да бидат лекувани повеќе од симптоматски третман. Сепак, во зависност од симптомите, процесот на изолација останува ист и кај едните и кај другите – вели директорката на Инфективна за Плусинфо.

Д-р Стевановиќ вели дека има и разлика во терапијата со која се лекуваат заболените вакцинирани пациенти и таа зависи од неколку фактори.

– Терапијата која се дава кај болните зависи пред сè од тежината на клиничката слика, компликациите кои се развиени, евентуалните алергии што пациентот може да ги има, интеракциите се терапиите кои редовно ги примаат и така натаму – изјави Стевановиќ.

Директорката објаснува како влијаат хроничните болести на развојот на клиничката слика кај лицата кои заболеле од ковид, а се вакцинирани со две дози.

– Хоспитализираните, вакцинирани пациенти се примени пред сè поради интензивно влошување на претходно постоечка болест која има потреба да се лекува, најчесто ковид-19 симптомите се по лесни. Искуството што ние го имаме е со пациенти кои се сериозно возрасни со повеќе коморбидитети, најчесто тешки срцеви заболувања, невролошки заболувања, како и хронични белодробни или малигни болести – вели Стевановиќ за Плусинфо.

Најнови вести