четврток, 30. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Дали ковид-19 ќе нѐ направи подобри или ќе дозволиме да блескаме во најлошото светло?

Дали ковид-19 ќе нѐ направи подобри или ќе дозволиме да блескаме во најлошото светло?

Преживуваме уште еден продолжен викенд на кој претходно би се радувале, но сега е причина за нови поделби, изразување на критика и осуди па дури и ширење омраза. Како да заборавивме што значи почит и емпатија кон другиот. Пред да критикуваме некого добро би било прво да се обидеме нештата да ги видиме преку неговите очи. Или со други зборови емоционалната интелигенција која треба да ја поседува секој од нас за жал кај најголем број од луѓето е на нула.

Го слушав пред некоја вечер д-р Методи Чепреганов кој правеше психолошка анализа на Македонецот и не можев да не се насмеам горко дека се беше точно кажано. Ние сме сите со хипертрофирани ега, си гледаме само за себе, без било каква можност да го сослушаме другиот, да ги уважиме или земеме во предвид неговите ставови и аргументи, да се потрудиме да се смениме со цел да направиме некого среќен.

Ние угостителите ова многу силно го почувствувавме овие неколку месеци откако почна пандемијата. Додека да почне оваа криза ние бевме тие кои секогаш се синоним за дружење, добро расположение, за помагање на луѓето. Бевме тука кога требаше да се засили чувството на среќа при семејни веселби или да се намали чувството на тага при семејни загуби нудејќи рака за поддршка, осмислувајќи го секој детаљ и при тоа ослободувајќи ги гостите од било какви обврски.

Е ние, истите тие кои бевме пријатели и на знаени и на незнаени луѓе, кога моравме да ги затвориме локалите кои се синоним за дружба, опуштеност, не само што не наидовме на поддршка, туку се соочивме со осуда. Е тие луѓе што вам ви угодуваа сега се оставени без приходи, со неизвесност за утрешниот ден, но и за подалечната иднина. Нивните семејства исто така исплашени немаат каде да побараат помош, затоа што Владата носи мерки според своите потреби, без да ги праша угостителите што е тоа што им е потребно, што е тоа што може да ги задоволи двете страни, може ли да се најдеме на средина на патот кој не дели.

Не, сопствениците на угостителските објекти ги распнаа зошто бараат помош не обидувајќи се да сфатат дека и тоа се лица кои не се кредитоспособни, немаат заштеди и дека своето парче леб го вадат заедно со своите вработени. И кога нема за нив, нема ни за другите.

Но, дали да се помириме со ситуацијава и да кажеме дека нема решение или ќе продолжиме да се бориме за да најдеме решение? И дали сега не е време да седнеме, да се сослушаме, да пробаме да го промениме црно-белиот пристап и да го збогатиме погледот со целиот спектар на бои?

Да ги надминеме разликите и да не дефинираме веднаш дека некој е од оваа или онаа политичка партија, дека е од оваа или онаа националност, дека е од Скопје или друг град во државата?! Сите ние мораме да имаме една цел, да ја направиме Македонија држава во која убаво се живее, држава во која нашите деца ќе ја планираат иднината, држава во која ќе сакаме да ја поминеме староста. Тоа ќе го направиме само на еден начин, ако се сослушуваме меѓу себе, ако се разбираме, ако се обидеме да се ставиме во туѓа положба и ако најдеме решенија на проблемите кои за сите се победа, а не за едни победа, а за други пораз. Историја е доказ дека соработката и дијалогот секогаш носат решени кое е добро за најголем број од засегнатите, додека конфронтацијата води кон создавање на нови и подлабоки проблеми.

Пишува: Мартин Ангеловски

Најнови вести