Има излезни решенија за законот за употреба на јазиците, што неодамна беше донесен во третата фаза и за кој претседателот Ѓорге Иванов најави нема да го потпише указот за негово прогласување, и истите се анализираат, денеска најави претседателот на Парламентот Талат Џафери.
– Кое решение ќе биде поприфатливо треба да се спроведе, рече Џафери, потенцирајќи дека во оваа фаза нема рокови во смисла на враќање на текстот во Собранието или, пак, негово упатување во „Службен весник“ за да стапи на сила.
Џафери на средбата со новинарите беше дециден дека нема уште еднаш да го потпише законот за тој да биде упатен во „Службен весник.
– Јас нема да се впуштам да ставам потпис под друго име, рече претседателот на Парламентот, но не беше прецизен дали законот би можел да биде испратен во „Службен весник“ без потпис од Иванов, односно само со еден потпис.
Повтори дека Иванов е должен да го потпише указот за законот и одговарајќи на новинарски прашања не откри кој се е вклучен во таа анализа како да се излезе од оваа ситуација со законот за употреба на јазиците.
Кажа дека усмено барал средба со претседателот Иванов, но дека од неговиот кабинет не добил одговор и оти по ова барање заминал на пат во Женева.
Според Џафери, со пуштањето од притвор на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за настаните од 27 април биле елиминирани аргументите за пратениците од оваа пратеничка група повеќе да не учествуваат во работата на Парламентот.
Според него, усогласени се најголем дел од законите во работните групи меѓу парламентарните партии и тој очекува од идната недела ВМРО-ДПМНЕ да се вклучи во работата на Парламентот.
Нов обид за средба во рамки на процесот „Жан Моне“, според претседателот на Парламентот, треба да има од 17 до 19 мај во Охрид. На оваа средба, како што беше претходно најавено, треба да се разговара за измените на Деловникот на Собранието, етичкиот кодекс и за други прашања за кои има оставено простор да ги отворат пратеничките групи.
Во однос на прашањето за намалување на патните трошоци на пратениците и евентуалната можност за користење на заеднички возила и државни станови, Џафери рече дека тоа е една алтернатива, но исто така потенцира дека пратениците ќе го постават прашањето и за другите именувани и избрани лица.
Според него, земањето надомест за патни трошоци за одење на работа во Парламентот не е привилегија, туку создавање услови да може институцијата да биде функционална. Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), според Џафери, треба да создаде услови и за пратениците како и за другите избрани и именувани лица.
МИА